Блинкен барал луѓе за да ја стишат Ал-Џезира

Американскиот министер за надворешни работи, Ентони Блинкен, за време на посетата на Доха, побарал од катарскиот премиер новинската мрежа Ал-Џезира „да го стиши малку“ покривањето на војната во Израел.

Паниката во американската администрација била дека Ал-Џезира ја распалува јавноста на Средниот Исток и го зголемува ризикот од поширок конфликт, заради што Блинкен побарал од премиерот Шеик Мохамед Ал Тани, да го скротат известувањето на телевизијата.

Наводно Блинкен лично признава дека го побарал ова од катарските власти за време на средба со лидерите на американските Евреи.

Тој на шеикот му ја навел Ал-Џезира како пример за тоа што Катар би можел да направи за да го промени впечатокот на јавноста дека е наклонет кон Хамас. Притоа не биле наведени конкретни примери на што забележува Блинкен.

Катар со децении е домот на двајцата високи лидери на Хамас, Исмаил Ханија и Халид Машал, откако беа протерани од Јордан во 1999.

Ал-Џезира е една од малкуте новински куќи кои имаат функционално биро во Газа, што им овозможува директно да сведочат за уништувањето предизвикано од израелското бомбардирање, кое, според палестинското министерство за здравство, до сега убило 7.028 лица, од кои речиси 3.000 се малолетници.

Минатата недела првиот човек на Ал-Џезира во Газа, Ваел ал Даду, беше дел од вестите кога целото негово најблиско семејство загина во бомбардирањето на бегалскиот камп Нусеират од страна на израелската авијација. Меѓу 25-те загинати од бомбардирањето беа синот, ќерката, сопругата и внукот на Ал Даду.

Минатата година додека известуваше за израелски упад во Западниот брег беше убиена и новинарката на Ал-Џезира, Ширен Абу Аклех, за која подоцнежна истрага покажа дека намерно била стрелана.

Деновиве израелската влада се согласи на итно затворање на канцеларијата на Ал-Џезира во Израел, по основа дека нивното известување го промовира Хамас.

Од вашингтонскиот Квинси институт за одговорно државотворство, објаснуваат дека Ал-Џезира ужива широка почит во арапскиот свет како доверлив извор на информации за сегашната војна бидејќи мрежата продолжи да го покрива судирот и откако арапските мрежи решија да го намалат своето известување во изминативе години.

30 октомври 2023 - 12:46