Јајцата ќе се апдејтираат

Претприемачите од Силициумската долина одамна размислуваат надвор од класичнaтa информациска и технолошка кутија. Ако овој стартап успее, ќе имаме јајца 2.0

Јајцата ќе бидат растителни, се ветува ист вкус а ќе бидат поефтини од сегашните. Зад оваа идеја стои компанија од Сан Франциско подржана и од Бил Гејтс и Питер Тиел (коосновач на ПејПал и еден од раните инвеститори во Фејсбук).

Стартап-от се чини како уште еден од оние кои решаваат проблем којшто не постои, бидејќи јајца на светов има доволно, не се скапи а и несењето јајца само по себе не е некој горлив етички проблем.

"Животинските јајца се добри ама не стануваат ништо подобри", вели Џош Тетрик, ЦЕО на Хемтон Крик, компанија полна со биохемичари кои не знаат ништо за храната ама знаат за хемијата.

Анализирале 1.500 растенија на молекуларно ниво за да ги раздвојат протеините и да реплицираат нешто што ќе има ист вкус и нутритивна вредност на јајце а нема да биде производ на кокошка.

Една третина од сите јајца завршуваат во мајонези и други преработки и луѓето од оваа компанија сакаат да го разбијат овој ланец не заради нивната веганска предност туку затоа што ќе бидат поефтини од природните. 

Засега, сметката им вели дека ќе бидат 48 проценти поефтини од сегашните јајца.

"Иновациите кои ги водат сите индустрии - енергетиката, софтверот, комуникациите... - како да ја избегнаа прехрамбената индустрија. Време е оваа парадигма да се смени, порачува  Тетрик.

8 декември 2013 - 13:13