Белгискиот компир се сака со репете

Од Белгијците е побарано да јадат плус една порција помфрит неделно за време на коронавирусот, не за да ја спасат нацијата од вирусот, туку за да го спасат компирот од вирусот.

Се работи за кампања на белгиското здружение на одгледувачи на компир, Белгапом, кои алармираат дека заради преголемиот вишок постои ризик да почнат со уништување на залихите од годинешната берба. Во прашање е количина од 750.000 тони вишок компир, кој го чека уништување доколку потрошувачката не се подобри.

Белгијците во просек јадат компир еднаш неделно, и тоа главно надвор. За разлика од најголемиот дел од светот каде компирот е гарнир, во белгиската кујна тој знае да биде и главно јадење.

Според Белгапом, пандемијата и сите пропратни мерки ја намалија светската потрошувачка на компир за 40%. Белгија е најголемиот извозник на замрзнат помфрит во светот, од кој најголемиот дел оди во професионалните кујни (ресторани, хотели, кетеринг...).

Во 2019, Белгија има извезено 2.300.000 тони замрзнат помфрит низ светот.

За дополнително ги инспирира своите сограѓани регионалната агенција за земјоделство на Валонија и уште неколку организации пуштија во оптек сајт со локални и сезонски рецепти, кои треба да помогнат во зголемување на консумацијата на белгиски компир.

27 април 2020 - 10:28