Путин побара по 8 деца од руските жени

Рускиот претседател ги повика Русинките да имаат осум или повеќе деца и да направат големите семејства да бидат новиот стандард, откако земјата повеќе од 30 години, од почетокот на 1990-те, константно има пад на популацијата.

„Голем број наши луѓе ја одржуваат традицијата на семејства во кои се растат четири, пет или повеќе деца. Сетете се дека во руските семејства нашите баби и прабаби имале по 7 и 8 деца. Да ја зачуваме и обновиме оваа традиција. Имањето многу деца, големо семејство, треба да биде стандард, начин за живот на сите луѓе од Русија,“ порачал Путин во говорот пред Светскиот руски народен собир.

Се работи за средба која ја води првиот човек на Руската православна црква, патријархот Кирил, а на која учествуваат претставници и на други верски заедници.

Самиот Путин официјално има две деца од својот брак со Људмила, а неофицијално има уште неколку од наводните афери со милионерката Светлана Кривоногих и гимнастичарката Алина Кабаева.

Во своите над 20 години на власт Путин во повеќе наврати и со најразлични средства се обидува да го зголеми наталитетот во земјата, но за сега со минимален успех.

На први јануари годинава Русија имаше популација од 146.447.424 лица, што е помалку од бројот на жителите во 1999-та кога Путин прв пат доаѓа на власт.

Британски Индепендент забележува дека во говорот Путин не го споменува обемот на загинати руски војници во војната во Украина, кој според украински и британски бројки изнесува над 300.000, плус, уште 800 до 900 илјади избегани од Русија, главно млади.

4 декември 2023 - 11:27