Најскапиот развод на светот

Во декември 2008-ма Елена Рибовлева решава да се разведе. На одење, бара оштета од 6,3 милијарди долари од својот (на големо) неверен сопруг, инаку 13-от најбогат Русин. Уште ги бара.

Пред да го поднесе барањето за развод Елена прво му пишала писмо на јавниот обвинител на Женева (каде што таа живее од 1995-та) дека ако и се случи нешто, прв осомничен треба да биде нејзиниот сопруг Димитри Рибовлев. Потоа, таа го замрзнала заедничкиот имот што парот го имал во Британија, САД, Сингапур, Кипар и Девствените острови.

Додека го правела сето ова Елена пропуштила да го спречи сопругот да пренесе 12,6 милијарди долари на две одделни сметки на Кипар.

Таа без да знае му помогнала на сопругот да ја сокрие целата семејна уметничка колекција, откако се согласила сликите од Русија да бидат префрлени на Кипар, за случајно руските власти да не им ги запленат. Во колекцијата има најмалку 15 слики од Пикасо, Моне, Ван Гог.

Според швајцарскиот закон, секој од сопружниците треба да добие половина од имотот собран во 21-годишниот брак. Освен финансиите, тие имаат и куќи на Алпите вредни 211 милиони долари, куќа во центарот на Париз од 24 милиони долари, јахта, неколку авиони.

За цело време адвокатите на Димитри тврдат дека тој има околу 2 милијарди долари. Според што неговата сопруга треба да добие околу 1 милијарда.

Инаку, Димитри и Елена се запознале уште на прва година факултет. Таа била со него, додека тој напредувал од доктор, во брокер и банкар, пред да стане прв човек и главен акционер на Уралкали, производителот на вештачко ѓубриво. Парот останал заедно и за време на 11-те месеци затвор што Димитри ги одлежувал кога бил обвинет дека убил еден свој конкурент. Подоцна обвинувањата се повлечени.

Во 1995-та целото семејство се сели во Швајцарија, во страв од руската мафија. Димитри и Елена имаат две ќерки.

Во 2011-та Димитри се сели од Швајцарија во Монако. Таму живее со својата постара ќерка, во вила од 2.000 метри квадратни, што ја купи за 317 милиони долари. Во декември 2011-та тој го купи и фудбалскиот клуб Монако.