Што се случи со јапонските џинови за електроника?

Сони моментално вади повеќе пари од продажба на осигурителни полиси отколку од електроника. Панасоник годинава има загуба од 9 милијарди долари, а Шарп тешко дека уште долго ќе преживее без финансиска помош.

Главниот проблем според Јапонците е што овие компании дозволија да бидат прегазени од дигиталната индустрија. Тие се гиганти на електронската индустрија и произведуваат комплексни електрични машини - како телевизори, радија, касетофони, фрижидери - кои во основа сепак се само механички уреди.

"Вокменот на Сони е класичен пример. Тој нема никаков софтвер во него, тој е чисто механички. Денес ти треба да имаш бизнис модел базиран на софтвер и тоа е комплетно поразлично. Гледај го Епл, тие прават Ајподи и Ајфони. Епл има најмалку 50% маргина на овие производи. Луѓето велат - ама тие се произведуваат во Кина, да ама можеби едвај 3% од вредноста на Ајфонот останува во Кина," објаснуваат економистот Герхард Фасол.

Една од компаниите која се соочи со исти проблеми беше и Хитачи, која по доаѓањето на новиот директор во 2010-та, одлучува дека и покрај целиот напредок и успех во продажбата на електроника да излезе од оваа индустрија и да се посвети на нивната главна дејност - инженерство. Производство на турбини, нуклеарни централи и возови.

"Денес се што ти треба е еден чип за да произведеш голем телевизор со одличен квалитет на слика. Значи секој може да го направи тоа. Ова значи дека новите играчи од Кореја и Кина имаат предност," објаснува директорот на Хитачи корпорацијата, Хироаки Наканиши.

За аналитичарите единствен излез за јапонските компании е исто како во 50-те и 60-те години од 20-от век да почнат да учат од Америка.

4 април 2013 - 16:56