Што е постаро: јајцето или профитот?

Лесно е кога ќе скршиш 3-4 јајца, лушпите ќе ги фрлиш или ќе ги расфрлиш по двор бидејќи се добри за земјата. Но, што да правиш ако дневно ти остануваат лушпи од милиони јајца? Да правиш пари.

Компанија од Лечестер дневно вари и лупи по 1,5 милиони јајца: за мајонези и такви работи. Тоа им остава цели ридови лушпи со кои нејзиниот сопственик се мачи уште кога го почнал бизнисот пред 14 години.

Нивното исфрлање годишно го чинело по 50.000 фунти, што и не е малку за фирма која прави 4,2 милиони фунти во една година. Сè додека не се сретнал со пар научници и смислиле начин како тие вагони лушпи да бидат паметно и профитно искористени.

Лушпите се калциум карбонат, како кредата, кој има кристална структура. А бидејќи кредата се користи како засилувач за пластика, ете ги за истото и лушпите.

Фабриката направила погон за чистење на лушпите (ни мембраните не ги фрлаат, веруваат дека можат да се искористат за завои) и нивно процесирање, односно претворање во прав. 

А полипропиленот (пластиката) не е евтина роба и чини околу 2.200 фунти за тон па може да се заработат големи пари ако 30-40% од неа замениш со прав од лушпи.

Веќе се јавиле многу заинтересирани производители на пластика. 

16 август 2016 - 19:55