Правете што ќе правите, ВИ да се стави под контрола

По примерот на Меѓународната агенција за нуклеарна енергија треба да се направи глобално тело за надзор на вештачката интелигенција, смета првиот човек на Обединетите нации Антонио Гутереш.

„Алармите за најновата форма на вештачка интелигенција се заглушувачки. И тие се најгласни од програмерите кои ја создадоа.

Мораме овие предупредувања сериозно да ги сфатиме,“ порачал Гутереш.

Генералниот секретар на О.Н. објавил дека до крајот на годинава ќе почне да се работи на надзорно тело на високо ниво за ВИ кое редовно ќе го следи спроведувањето на договорите за контрола на ВИ и ќе дава препорака како тие да се порамнат со човековите права, владеењето на законот и заедничкото добро.

Тој објаснил дека телото ќе може да биде формирано само од земјите членки, а не од Секретаријатот на ОН. Како пример за новото тело е земена ИАЕА, која од 1957 го следи спроведувањето на договорот за ограничување на користењето на нуклеарно оружје. ИАЕА има 176 земји членки.

Во мај авторите на ЧатГПТ во блог пост повикаа на глобално тело налик ИАЕА кое ќе може да го ограничи пуштањето на нови верзии, да следи колку постојната ВИ е во согласност со правилата и законите и да го следи користењето на компјутерска моќ.

14 јуни 2023 - 15:33