Уште повеќе годинава Епл реши дополнително да се потруди за да го има "најдобриот Ајфон што некогаш сме го направиле," како што порача парадата на директори кои се појавија на сцената. Да, ова се истите директори што ја кажаа истата работа лани за Ајфон 4S, и во 2010-та за Ајфон 4 и за секој друг Ајфон што некогаш бил создаден.
Ајфон 5 исто така е и првиот Ајфон кој има екран од 4 инчи, повисок од досегашниот екран од 3,5 инчи на претходните Ајфони. Што можеш да правиш со повисок екран? Нема да ви се верува ама: кога ќе ги отвориш апликациите направени за повисокиот екран на Ајфон 5, ќе можеш да видиш повеќе содржина на нив, отколку што би видел на помалиот екран на стариот Ајфон. Сега можеш да гледаш 5 дена од твојот календар, наместо 3. Кога ќе отвориш апликација за вести, како на СиЕнЕн, ќе видиш повеќе статии без да треба да скролаш. Кога ќе бараш ресторани, на екранот ќе има повеќе предлози отколку порано. Ваква немилосрдна иновација не потсетува дека Епл не стана највредната компанија на светот со седење и неработење.
Дали сум премногу груб? Веројатно да. Ама тоа се случува кога - и покрај ветувањата за засилување на безбедноста - сите тајни на Епл ги знаеш неколку недели однапред. Бидејќи сите детали околу новиот Ајфон веќе беа објавени некаде, целото соопштените како да немаше кулминација.
За волја на вистината Ајфон 5 е навистина импресивен уред. Ако планирате да купувате нов телефон, треба да го земете во предвид. (Ако имате Ајфон 4S, не гледам зашто би го надградиле.) И покрај поголемиот екран, Ајфон 5 е најтенкиот и најлесниот Ајфон што е некогаш направен. На конференцијата неколку минути си играв со Ајфонот и не ми се веруваше колку е виток во споредба со постарите верзии. Исто така ми се допаѓа што задниот дел му е од алуминиум, наместо од стакло како на претходниот модел. Ова е телефон што веројатно нема да треба да го ставате во футрола за да го користите.
Имам само еден голем проблем со новиот Ајфон. Како што беше очекувано, има нов "док" конектор - конекторот што служи за полнење и за поврзување на вашиот телефон со се останато. Новиот конектор, кој исто така ќе се користи и на новиот Ајпод, е многу помал од се присутниот конектор што Епл го имаше вградено во секој свој уред од 2003-та. Главна причина зошто Епл го смени конекторот е затоа што стариот беше премногу голем, и едноставно немаше место за него во новите ситни уреди на компанијата. Меѓутоа Епл тврди дека новиот конектор има и свои предности. Можеш да го вклучиш од двете страни, за разлика од стариот кој се поврзуваше само на еден начин. Исто така самите жици во конекторот се наместени на начин кој некако ќе овозможи подобар трансфер на податоци во иднината.
Јасно ми е дека Епл мораше да го промени конекторот. Ама ова ќе биде сериозен проблем. Како и секој друг корисник на гаџети, имам насобрано еден куп додатоци кои работат на стариот конектор на Епл. Меѓу нив, мојот автомобил (во кој има вградено стар конектор) и мојот будилник. Имам еден куп кабли за полнење што се расфрлани низ куќата, со кои го полнам мојот телефон или Ајпад, каде и да одам. Сега сите овие работи - десетици милиони iOS компатибилни додатоци - станаа застарени. Единствен начин да го вклучам новиот Ајфон или Ајпод во гаџетите што го користат стариот конектор е да купам адаптер. Епл ќе ви го продаде адаптерот за 29 долари, што е дефиниција за нефер однесување кон твоите муштерии.
Епл има цела историја на убивање на технологии што ги смета за застарени. Во 90-те ги тргна дискетите од Ајмак и покрај тоа што луѓето голем дел од своите податоци ги чуваа на дискети. Првиот Мекбук Ер немаше ДВД или Етернет порта. Иако овие потези беа фрустрирачки, нив можеа да ги одбранат, бидејќи беа направени во согласност со јасните трендови во технологијата. Сите знаеа дека дискетите и двд-та ќе станат застарени, Епл беше само пред сите.
Ама оваа одбрана не може да се искористи за конекторот. Во овој случај, Епл само се движи од еден затворен стандард кон друг, предизвикувајќи бескрајни проблеми и минимални бенефити за корисникот. Ако Епл стварно сака да веруваме дека стариот док е премногу голем за неговите нови уреди, тогаш требаше да ги замени еднаш засекогаш со индустрискиот стандард за поврзување на работи: УСБ. Овој систем доаѓа во различни големини, вклучувајќи и една (микро-УСБ) што ја има на речиси секој не-Епл телефон на светот.
Точно е дека за разлика од новиот конектор на Епл, УСБ-то можеш да го вклучиш само на еден начин. Ама освен ова, тој би работел подеднакво исто како и новиот конектор на Епл, со тоа што ќе биде и универзален. Ако Епл решеше да го земе УСБ-то светот ќе беше многу подобро место: телефоните на сите ќе може да користат исти полначи. Ќе имаше стандарден начин како да вклучиш еден уред во кој било друг уред. Твојот Ајпад ќе можеше да се поврзе со твојот телевизор, без разлика кој модел е, или твојот Ајфон ќе можеше да се приклучи во твојот фото-апарат и веднаш да ги собереш сликите. Плус, бидејќи УСБ е отворен стандард, производителите на додатоци немаше да треба да бараат дозвола од Епл, пред да смислат нешто ново.
Ова, секако, е и објаснувањето зошто Епл реши да не се префрли на УСБ. Избирајќи сопствен конектор, Епл ќе ја задржи контролата на пазарот на додатоци. Не само што ќе продолжи да им наплаќа на производителите за лиценцирање на технологијата за поврзување на нивните уреди со Ајфонот, туку повторно ќе може да ја сотре целата индустрија кога ќе реши некогаш пак да го менува конекторот.
Сепак конекторот нема да ја намали продажбата на Ајфон 5. Она што нервира е што Епл ги гледа како каса за пари луѓето кои ги купуваат нивните производи. Значи, не. Ова не е најдобриот Ајфон на сите времиња. Да беше, немаше да ги заебе најлојалните корисници на Епл.
автор: Farhad Manjoo