Компјутерот од 5 долари

Технички е компјутер, ама технички за овие пари не добивате баш компјутер, компјутер како што вие замислувате. Ова не значи дека не е точен насловот - компјутер за 5 долари.

Распбери Пи Фондацијата го презентираше својот најевтин модел до сега, Зиро. За овие 5 долари добивате плоч(к)а со процесор од 1 гигахерц, 512 рам меморија и неколку излези за напојување, УСБ и поврзување на монитор, тастатура и маус. За уште понапредните корисници со опрема за лемење, има и 40 пинови кои можат да се искористат по сопствено уверување.

Да нема заблуди, за овие 5 долари не добиваш ниту едно кабле, диск или што бил, само плочката што погоре ја опишавме.

10 илјади примероци од Зиро ќе бидат подарени со декемвриското издание на The MagPie (магазинот на Распбери Пи), а останатите 20 илјади уреди произведени во фабриката на Сони во Велс, веќе се распродадени од дистрибутерите во САД и Британија.

Зиро доаѓа со однапред инсталиран оперативен систем, Распбиан, Линукс базиран, ама со графички интерфејс налик Виндоус.

Идејата за најевтиниот Пи до сега, доаѓа по средбата на првиот човек на фондацијата, Ибен Аптон, со Ерик Шмит во јануари 2013-та. Аптон му објаснува на Шмит дека планираат да почнат да прават малку помоќни и поскапи модели на Пи, кои би чинеле меѓу 50 и 60 долари. Шмит реагира дека ова е сосема погрешно и дека наместо тоа треба да се стремат кон создавање на најевтиниот можен компјутер.

"Тој објасни дека е многу тешко да се натпреваруваш со евтин производ. Беше многу убедлив. Идејата беше да се направи помоќен компјутер по иста цена како тогашниот Пи, а потоа да се направи поевтина верзија со истата моќ," објаснува Аптон за почетоците на новиот Пи.

27 ноември 2015 - 12:07