Турското рециклирање на британски отпад е палење пластика

Пластиката што како отпад пристигнува во Турција за рециклирање главно завршува на депонии или е запалена, се тврди во истрагата на Гринпис.

Над половина од пластичниот отпад за кој британската влада тврди дека се рециклира се извезува надвор од Британија главно во држави кои ја немаат неопходната инфраструктура за рециклирање.

Во 2020 Британија извезува 688.000 тони фрлена пластична амбалажа, или во просек по 1,8 милиони килограми на ден.

Главна дестинација за отпадот стандардно е Кина, меѓутоа по забраната за увоз на отпад од 2017, тој главно почнува да завршува во Турција. Од 12.000 тони пластика што Британија во 2016 ги извезува во Турција, во 2020 количината стигнува до речиси 210.000 тони пластичен отпад, или 30% од целиот извоз на пластичен отпад од Британија.

Кога стигнува во Турција очекувањата се дека отпадот ќе биде рециклиран. Кога Гринпис оди да спроведе истрага реалноста е дека тој се пали, се трупа на депонии и се остава да се растура по реки и мориња.

Гринпис во истрагата открива пластичен отпад од најголемите ланци на супермаркети во Британија, како Теско, Асда, Алди, Лидл и останати, кој е оставен го вреќи или запален.

Станува збор за неодамна извезено ѓубре, бидејќи Гринпис открива пакувања за тестови за антитела и производи со рок на траење до август 2021.

Освен што со извозот на пластичен отпад не се решава проблемот со загадувањето, целиот британски отпад што пристигнува во Турција, а и од ЕУ, претставува еколошка бомба за земјата и ги зголемува проблемите што постојат во тамошниот систем за рециклирање.

Моментално секој ден во Турција пристигнуваат по 241 камион со отпад од ЕУ, што е за 20 пати повеќе отколку во 2016.

Стапката на рециклирање во Турција е 12%, со што е најниска меѓу сите земји членки на ОЕЦД.

17 мај 2021 - 10:14