Транс-Пацифичкото партнерство, страшно како што мислевме

Викиликс пред неколку дена објави она што треба да е конечната верзија на поглавјето околу интелектуалната сопственост од Транс-Пацифичкото партнерство. Коментарот на ЕФФ (Electronic Frontier Foundation) на ова е: ова ги потврдува нашите најголеми стравови.

Правила за сопствениците на правата, и директиви за корисниците
"Ако овој дел го минеш без да знаеш што бараш, може ќе ти изгледа прилично балансиран, вклучително и потребата за правила за интелектуална сопственост да ја потпомогнат 'заедничката предност на создавачите и корисниците,' да го 'олеснат ширењето на информациите' и да ја препознаат 'важноста на богат и достапен јавен домен.'

Ама ако закопаш подлабоко ќе забележиш дека сите ставки кои ги признаваат правата на јавноста не се обврзувачки, додека речиси се што е во корист на сопствениците на правата е задолжително."

Проширување на авторските права
Со договорот авторските права се продолжуваат на доживотно плус 70 години "и покрај општиот консензус дека ова нема никаква економска смисла, и дека се сведува на трансфер на богатството од корисниците, на корпорациите кои ги поседуваат правата."

Позитивно е што правата на корпоративните дела, не ги добија 120-те години заштита на авторски права, колку што бараа, туку се сведоа на 70 години. "Ова значи дека филмот Казабланка, веројатно заштитен во САД до 2038-ма, во останатите членки на ТПП веќе може да биде во јавен домен, дури и по правилото доживотно плус 70."

Забрана за заобиколување на ДРМ (Digital Rights Management)
Текстот на оваа тема се нема променето во однос на претходните верзии. Во пракса, ако некој "чачка" фајл или уред кој содржи труд со авторски права, тој може да одговара (кривично) за тоа, дури и ако не направил никакво прекршување на авторските права.

"Бидејќи овој прекршок е независен од прекршувањето на авторските права, по него може да се гони корисник кој исекол заштитен знак од некоја фотографија, дури и ако ја употребува фотографијата по фер услови за користење, па и на друг начин да му дал кредит на оригиналниот автор."

Во текстот има посебна ставка за дистрибуција на уреди за декретирање на сателитски и кабелски сигнали. И во овој случај, казниво е секакво работење околу уреди заштитени со ДРМ, дури и без да прекршиш какви било авторски права.

Кривична постапка и отштета
По оваа основа "текстот останува лош како и секогаш." Како основа за утврдување на висината на отштета сопственикот на правата може да поднесе "каква било легитимна мерка на вредност," вклучувајќи и предложена продажна цена на стоката чии права се прекршени. (На пример голема продуцентска куќа може со децении вештачки да ги држи високи цените на одредени музички албум, наспроти цела пазарна логика, и таа цена да ја искористи како основа за пресметување на отштетата).

Плус на ова е што судиите имаат право да наредат исплаќање на однапред утврдена штета и дополнителна штета, кои се однесуваат на отштета надвор од директната загуба на сопственикот на правата.

Освен ова, законот предвидува дека ако си прекршил нечии авторски права, сите материјали, нивната имплементација, и недозволени копии треба да бидат уништени. Ова важи и за уредите и производите кои биле употребни при заобиколување на ДРМ. Во пракса ова значи дека семејниот компјутер може да ви биде запленет ако бил искористен за споделување фајлови онлајн, или ако на него сте копирале ваши сопствени оригинални Блу-Реј дискови за да можете да ги гледате на вашиот медиа центар.

Остатокот од текстот на Џереми Малком

14 октомври 2015 - 16:09