Сноуден герила сред Њујорк

Група њујоршки уметници доцна во понеделникот вечерта поставија биста од Едвард Сноуден во парк во Бруклин. Група њујоршки градски работници до пладне ја демонтираа бистата.

Бистата беше поставена на еден од столбовите од Споменикот на мачениците од затворскиот брод, посветен на американските војници загинати во војната за независност од Британија. 45 килограми тешката биста беше залепена за столбот со специјален лепак кој нема да го оштети столбот, а под неа бил закачен знакот "Сноуден."

Анонимните уметници за Анимал Њујорк признаваат дека самиот Сноуден веројатно не би го одобрил поставувањето на бистата, бидејќи тој не сакал да биде центар на внимание на целиот случај со објавувањето на тајните документи.

Материјалот потребен за правење на бистата (не е бронза туку нешто налик гипс, кој во САД на големо се користи за копии од антички скулптури и фасади) чини илјадници долари, и комплетно е платен од двајцата уметници. Изработката траела 6 месеци, а кога скулпторот би ја наплатил бистата по пазарни цени таа би чинела десетици илјади долари.

"Времето што е потребно за да се направи вакво нешто без проблеми ја надминува границата од 30.000 долари. Ако беше бронза ова ќе беше дело од 100.000 долари, можеби повеќе," изјавил 30-годишниот скулптор.

Уметниците се помирени дека бистата ќе биде отстранета и уништена, ама се уште го имаат калапот од неа а имаат направено и 3Д модел од бистата, што може да го искористат за 3Д печатење на повеќе примероци од неа.

Веќе утрово бистата беше покриена, а околу пладне и комплетно отстранета од споменикот.

7 април 2015 - 10:16