Што може Европа да направи за имигрантите да не се дават во Медитеранот?

Вкупниот број на патници на бродот кој се преврте во близина на либиската граница се проценува на меѓу 900 и 950 луѓе. Од нив спасени се 28 луѓе, а на уште 24 им се најдени телата. Овие 28 се спасени од еден португалскиот трговски брод Кралот Јакоб.

Кралот Јакоб е товарен брод кој пренесува опасни материјали и воопшто не е предвиден за спасување, ниту пак неговиот екипаж го има потребниот тренинг. Бродот одговара на повикот за помош бидејќи ниту еден италијански спасувачки брод не бил во близина на несреќата. На Кралот Јакоб на помош му доаѓаат и локалните рибари, кои стигаат само да извадат неколку лешеви од водата.

Минатиот ноември заврши италијанската програма за наоѓање и спасување, Маре Нуструм, која имаше годишен буџет од 9 милиони евра. Од тогаш бројот на спасувачки акции од комерцијални и приватни бродови е пораснат за 40%. Според поморскиот закони секој брод мора да одговори на аларм за поморска несреќа.

Во неделата италијанскиот премиер свика итна седница на влада прво заради несреќата и второ заради тоа што во изминатите 10 дена од Либија во земјата пристигнаа над 10.000 имигранти. Минатата година на патот од Северна Африка до Италија загинаа над 3.000 луѓе, а ако се потврдат бројките од последната несреќа само минатата недела имаат загинато над 1.500 луѓе.

Италија вината ја префрла на ЕУ, објаснувајќи дека тие прават се, а Унијата седи и гледа како публика. Во ЕУ маката е што секоја држава различно гледа на проблемот. Во понеделник по барање на премиерите на Италија и Малта ќе има итен самит на оваа тема.

"Имаше предлози за испраќање на заеднички поморски сили кои би ги враќале назад бродовите со имигранти, ама реалноста е дека не е возможно да вратиш назад брод со стотици очајни бегалци. Граничната контрола брзо се претвора во барање и спасување.

Европските лидери се согласија дека спречувањето на шверцерите со луѓе е врвен приоритет. Италија само минатата година уапси 976 шверцери, ама бродовите продолжија да доаѓаат. Во понеделникот, властите во Сицилија изјавија дека идентификувале неколку клучни шверцери во Палермо и дека работат на растурање на мрежата која функционира од суб-сахарска Африка до брегот на Либија...

... Додека Европа одлучи што да прави и како најдобро да ги спречи несреќите бродовите ќе продолжат да доаѓаат и спасувачите ќе продолжат да спасуваат животи и да вадат лешови од водата," објаснува Барби Надо за Дејли Бист.

20 април 2015 - 18:20