Моментално Британија има 7 милиони жители кои се со регуларно британско државјанство, а се родени надвор од земјата. Надвор од овој број се сите нелегални имигранти и сите (екс) странци кои се веќе втора генерација во земјата.
Помошник директорот на лондонскиот Институт за истражување на јавни политики, Тим Финч, објаснува дека ако сите странци во моментов решат да се спакуваат и да си заминат, тоа преку ноќ би имало катастрофални последици за економијата и земјата ќе се распадне.
Индустрии кои најмногу зависат од имигрантите работници се: преработката на храна, градежништво, угостителство и слично. Во нив преовладуваат луѓе од Источна Европа, кои се "високо квалификувани, и работат под своето ниво на образование."
Освен ова, сериозен проблем би имал и Сити (финансискиот центар на Британија) каде голем број од вработените се долгорочни имигранти кои тука ги претставуваат компаниите од другите светски финансиски центри.
Дури и 8% од сите вработени во британското јавно здравство се мигранти (NHS има вкупно 1,4 милиони луѓе), а кај докторите ова се зголемува на околу една четвртина од вкупниот број.
Како опција за "спасување" на Британија од проблемот со мигрантите (а тоа да не е протерување, затворање граници и слични историско не успешни примери), Финч препорачува Британците да почнат да прават повеќе деца, што треба да се стимулира и од владата.
Во однос на идејата сите мигранти на еден ден да престанат со работа, Финч објаснува дека тоа би успеало да го сврти вниманието на проблемот, ама е прилично глупа идеја.
"Ние колективно не сочувствуваме повеќе со возачите на Метрото кога тие се на масовен штрајк. Ја разбираме нивната поента, ама не вадат од такт. Ако сите мигранти излезат на штрајк, само ќе ни го искомпликуваат денот, и мислам дека тоа ќе биде апсолутен подарок за десничарите," порачува Финч.