Ши Џинпинг, шефот на Путин?

Притисокот од кинескиот претседател Ши Џинпинг, а не украинската контраофанзива, е причината зад неодамнешните одлуки на рускиот претседател за мобилизација и референдуми, тврди негов поранешен советник.

Андреј Иларионов објаснува дека референдумите требало да се одржат кон крајот на годинава или почетокот на следната.

„И изненадно Кремљ даде наредба тие веднаш да се одржат во рок од неколку денови: од 23 до 27 септември. Тоа е лажно дури и по стандардите на Кремљ. Тоа е измама дури и по стандардите на таканаречениот референдум на Крим во 2014. И треба да најдеме објаснување за тоа,“ порачува Иларионов.

Неговата процена е дека ова не се должи на паника во Кремљ, со објаснување „паника од што?“ Ниту пак е до контраофанзивата бидејќи сите поголеми одлуки се соопштени меѓу 19 и 21 септември, што значи дека се донесени неколку денови претходно, 17 и 18 септември.

„Што се случило на тие денови?

Изгледа дена најважниот настан беше враќањето на Путин во Москва од самитот на Шангајската организација за соработка во Самарканд. Изгледа како Путин таму да имал некои разговори кои го натерале да ги донесе сите тие одлуки.

Единствената важна личност која би можела да има таков разговор со Путин е Ши. Па изгледа Ши му кажал на Путин нешто што го присилило Путин да го смени својот став кон војната, и радикално да ги промени своите претходни планови за ’референдуми’, за мобилизација или нуклеарна уцена,“ изјавува Иларионов.

Признавајќи дека не знае што точно Ши му рекол на Путин, Иларионов објаснува дека „не треба да се исклучи“ можноста дека кинескиот претседател му порачал на Путин што е можно побрзо да заврши што има работа во Украина „на пример до Конгресот на ККП во октомври“ и тоа да не биде со пораз на Путин. Иларионов смета дека тоа што Русија по 7 месеци војна се уште не е победник „е срамно за Ши и прави тој да изгледа слаб пред најважниот настан во неговиот живот.“

Во однос на новите одлуки на Путин, Иларионов објаснува дека тие се радикална промена од првичниот план на Путин да тера војна на трошење на непријателот, макар таа да трае и со години.

„Одлуките од изминатите неколку денови значат дека таа стратегија е радикално променета. Ова не се знаци на слабост или пораз, тоа се знаци на неговата зависност од Ши,“ смета Иларионов.

За Иларионов сосема се реални најавените бројки за мобилизација на 300.000 резервисти, соопштени од Шојгу, па дури и неофицијалните бројки за регрутација на 1 милион резервисти, бидејќи Русија во секој момент има околу 18 милиони резервисти. Што се однесува на протестите против мобилизацијата Иларионов смета дека тие нема ништо да променат.

29 септември 2022 - 13:32