Севернокорејската опозиција почна да добива на снага

На последните локални избори во Северна Кореја се појавиле гласови против кандидатите пријавени од Работничката партија на Кореја, и тоа најмногу во последните 50 години. Да ви дојде срце на место, кандидатите на Работничката партија сепак победиле со над 99% од гласовите.

Гласањето било за пратеници во регионални и градски собранија. Кај првите дури 0,09 проценти од гласачите биле против предложениот кандидат, кај вторите процентот на несогласување бил незамисливи 0,13.

„Меѓу гласачите кои учествувале во гласањето, 99,91 проценти гласале за кандидатите за пратеници во регионалните собранија... а 99,87 проценти гласале за кандидатите за пратеници во градските и околиските собранија,“ објавила новинската агенција КЦНА.

Ројтерс пишува дека овие избори се прв пат од 1960-те во Северна Кореја да биде забележано несогласување со изборната листа на локално ниво. На секое гласачко место во земјата има зелена и црвена кутија, ливче во зелената кутија е глас за, а во црвената против предложената листа.

1 декември 2023 - 08:25