Севернокорејците добија мисија од владетелот

Граѓаните на Северна Кореја во претстојниот период имаат света должност да ги заштитат сите портрети од Ким Џонг-ун пред пристигнувањето на бурата Канун, која треба да удри на земјата со тешки дождови и силни ветрови.

Официјалниот весник на Корејската работничка партија, Родонг Синмун, порачува дека „главниот фокус“ на народот треба да биде „осигурување на безбедноста“ на портретите на својот лидер, Ким Џонг Ун, неговиот татко и неговиот дедо. Кога ќе се обезбеди ова, народот треба да се даде на заштита на големиот број статуи, мозаици и други споменици посветени на семејството Ким.

За обемот на подвигот што се очекува од Севернокорејците треба да се знае дека во секој дом и канцеларија во земјата има портрет од некој или од сите досегашни лидери, и дека оштетување на истите се казнува со егзекуција, дури и оштетувањето да било по грешка.

„Да не заборавиме дека Северна Кореја е теократија. Овие статуи и портрети не се само симболи, туку свети религиозни симболи - во основа, икони.

Секоја религија од кога се памти очекувала од своите верници да бидат подготвени да умрат - или барем да страдаат - за да ги спасат светите икони,“ објаснува професорот од Кукмин Универзитетот, Андреи Ланков.

Бурата веќе удри на Јужна Кореја каде 16.000 луѓе беа присилени да се евакуираат.

14 август 2023 - 12:55