Саудискиот крал го пречека кинескиот „крал“

Како дочекот на Бајден сам по себе да не беше доволно недостоинствен, Саудијците извонредно многу се потрудија дочекот на кинескиот претседател да го направат што е можно поспектакуларен, за пораката да биде уште појасна.

За разлика од летоска кога Џо Бајден како претседател на традиционалниот сојузник на Саудиска Арабија за малку да не беше пречекан во влечки и бермуди, Ши Џинпинг во својата прва посета на Ријад во седум години доби „ол-инклузив“ пречек од своите домаќини.

Уште во лет, авионот на Џинпинг е придружуван од шест саудиски воени авиони, за кога ќе слета на аеродромот во Ријад, кинескиот претседател да е дочекан од емирот на Ријад, Фејсал бин Бандар ал Сауд и саудискиот министер за надворешни работи.

По слетувањето делегацијата е поздравена со мини аеро-митинг во кој саудиски воени авиони ги исцртуваат боите на саудиското и кинеското знаме.

Посебно впечатлив дел од целата церемонија беше кралската коњица која ја придружуваше лимузината на Ши цел пат од аеродромот до Ал Јамама палатата на Мухамед бин Салман.

Ши пристигнува во Ријад како претседател на најголемиот увозник на нафта во светот. Во Ријад двете страни потпишуваат договор за партнерство кој освен нафта и енергија од водород, предвидува и координација на долгорочните агенди на двете држави Визија 2030 на Саудиска Арабија и Појас и пат иницијативата на Кина.

9 декември 2022 - 13:23