САД го убија првиот човек на ИСИС

Исходот од американската акција во Сирија е мртов главен лидер на ИСИС, ал-Кураши, соборен американски хеликоптер и уште десетина мртви цивили меѓу кои жени и деца.

Операцијата е слична како онаа за елиминирање на Бин Ладен, изведена е вечерно време со помош на хеликоптери со напад на семејната куќа на терористичкиот водач во Атме на сириската граница со Турција.

За разлика од Бин Ладен кој беше убиен од американските специјалци, Бајден објави дека Абу Ибрахим ал-Хашими ал-Кураши се самоубил со експлозив кој го срамнил целиот трет кат од куќата, убивајќи ги и цивилите што живееле со него.

Според американските власти, барем дел од 13 загинатите цивили, од кои 6 деца и 4 жени, се жртви на детонацијата на ал-Кураши.

Ал Џезира пренесува сведоштва од теренот според кои хеликоптери ја надлетувале куќата на ал-Кураши речиси два часа пред нападот. По ова американските специјалци се истовариле од хеликоптер и упаднале во куќата.

Ен-пи-ар пак објавува дека по истоварувањето на специјалците, преку разглас на ирачки јазик на ал-Кураши му било порачано „ако не излезеш имаме наредби. Ќе испукаме ракети кон куќата. Над тебе има и дронови.“

За време на нападот се случила хаварија на еден од хеликоптерите, заради што морал да биде уништен.

Во нападот немало американски жртви.

Ал-Кураши станува лидер на ИСИС по убиството на ал-Багдади во октомври 2019. Елиминацијата на ал-Кураши се случува откако изминативе месеци ИСИС повторно почна да добива на сила и на смелост во своите акции, па пред неколку дена дури и нападна затвор на североистокот на Сирија и ослободи стотици свои соборци. По ова следуваа 10-дневни борби со курдските сили, во кои загинаа околу 500 луѓе.

Пред да стане лидер на ИСИС, Ал-Кураши се товари дека е директно одговорен за масовните масакри и изживувања врз Јазиди населението на Ирак во 2014.

4 февруари 2022 - 09:46