Речиси никој не и верува на Владата

Едвај 20%, или за малку секој 5-ти Американец "секогаш или во најголем дел од времето" и верува на Владата. Во исто време мнозинство од истите овие луѓе сакаат истата таа Влада да има "голема улога" во решавање на проблеми од тероризам и безбедност на храна до пазење на економијата.

И покрај желбата Владата да ги пази, ставот на 3 од 4 Американци е дека јавните функционери ги ставаат сопствените интереси пред оние на државата. Згора на ова 55% од Американците веруваат дека тие би биле подобри во решавањето на проблемите, отколку владините луѓе кои се задолжени за тоа.

Пју го прави ова истражување со над 6.000 испитаници во сите 50 сојузни држави. Бројката на испитаници е меѓу 5 и 10 пати поголема отколку во вообичаените анкети.

Генерално секој повеќе си верувал на луѓето од своите партии. И историски е вака, па довербата кај демократите била повисока кога демократите биле во Белата куќа, истото важело и за републиканците кога републиканец бил претседател на САД.

Во анкетата големо мнозинство од двете страни било за воведување некакво ограничување на потрошувачката на американските избори. За разлика од ова, голема поделба имало околу социјалните бенефиции што ги покрива државата. Додека 72% од демократите веруваат дека државата е таа што треба да ги извади луѓето од сиромаштија, само 30% од републиканците се согласуваат со ова.

Меѓу останатите спарувања на статистики, 60% од Американците веруваат дека на Владата и треба масовна реформа, ама во исто време Владата ја собра и најголемата доверба за реакција во случај на несреќа и за воведување и спроведување стандарди за безбедност на работа.

24 ноември 2015 - 17:58