Паѓа Ши Џинпинг?

За сега сведено на пусти желби на индиски, конзервативни американски медиуми и шпекулации на кинеските социјални мрежи, без официјални изјави, муабетите за заминувањето на Ши Џинпинг почнаа се повеќе да се актуелизираат.

Џинпинг и Кеќанг

Падот на Џинпинг се предвидува како последица на три фактори:

- Наводно влошеното здравје на Џинпинг.

- Незадоволството на милиони и милиони граѓани од терањето на нула-ковид политика.

- Економските проблеми на земјата, делумно поврзани со претходниот проблем.

Веќе некое време се зборува дека Џинпинг страда од мозочна аневризма, и ситуацијата е во опасност да се влоши бидејќи тој инсистира на лекување со кинеска народна медицина, наместо операција. Муабетите за здравствената состојба годинава земаа на сила по неговото отсуство од Олимписките игри, и неколку несигурни движења за време на странските посети.

За Кинезите далеку поголем проблем е инсистирањето на Џинпинг на нула-ковид, заради кој без простување се затвораат цели милионски градови, пример Шангај, третиот по населеност град на светот со над 26 милиони жители.

Правилото на нула-ковид освен што трета година по ред целосно го ремети животот на Кинезите, осетно влијае и на економскиот производ на земјата, кој е сериозно загрозен заради константните прекини на производството. Моментално индустриската активност во Кина е на најниското ниво од февруари 2020, а во април кинескиот јуан падна за 4% што е најголем пад во последните 28 години.

Како потенцијална замена на Ши Џинпинг се споменува актуелниот премиер на Кина, Ли Кеќанг, и втор човек во постојаниот комитет на Политбирото (зад Џинпинг).

Периодов 66-годишниот Кеќанг тера повеќе турнеи низ Кина, главно рурални и економски центри, во кои за разлика од својот шеф се појавува без стандардната маска против ковид-19.

Процените се дека Џинпинг до крајот на годината ќе се повлече од лидерската позиција во Кина.

18 мај 2022 - 14:19