Олимпијадата во Рио треба да биде одложена или преселена

Барањето доаѓа од околу 150 водечки научници, кои во отворено писмо до Светската здравствена организација порачуваат дека нивната последна студија околу Зика вирусот покажа дека одржувањето на Олимпијадата е "неетичко."

Писмото го потпишуваат 150 меѓународни научници и доктори, од институции како Оксфорд, Харвард и Јејл. Како главна причина за одложувањето тие го наведуваат неуспехот на програмата за требење на комарци во Бразил, и ослабениот здравствен систем во земјата.

"Се наметнува непотребен здравствен ризик кога 500.000 странски туристи од сите земји низ светот ќе ги посетат Игрите, потенцијално заразувајќи се од вирусот, за потоа да се вратат дома во места каде што тој ќе стане епидемија," пишува во писмото до СЗО.

Тие дополнително побараа од СЗО да ги ревидира своите правила за Зика вирусот, кој предизвикува сериозни пореметувања кај новороденчиња. Наспроти нив во мај ИОК порача дека не гледа причина зошто да ги одложи игрите заради вирусот.

Епидемијата започна во Бразил пред една година, а денес над 60 држави и територии имаат пријавено случаи на вирусот.

СЗО допрва треба да даде изјава во врска со писмото. Олимпијадата во Рио ќе трае од 5 до 21 август.

28 мај 2016 - 13:50