Не ја викаат НАСА на свадба ракија да пие

Американскиот буџет за 2016-та беше донесен со едно спектакуларно изненадување, Конгресот не само што на НАСА и ги даде сите пари што ги побара, туку и доделија и 1,27 милијарди долари над побараното. И тогаш некој седна детално да го прочита текстот на буџетот од 2.000 страни.

Буџетот ќе и дозволи на НАСА да ги финансира своите мисии, да транспортира луѓе меѓу Земјата и Меѓународната вселенска станица, и да ја намали зависноста од руските фондови за вселенски патувања.

Од друга страна, на никакво барање на НАСА, законодавците во рамките на буџетот за НАСА ја вметнуваат ЦИСА (Cybersecurity Information Sharing Act), законот за приватност на интернет против кој интернетот постојано се бори и секоја година го "убива".

ЦИСА е замислен како закон за сајбер-безбедност, кој во основа ќе им овозможи на компании како Фејсбук, Веризон и Гугл да соработуваат со најразличните владини разузнавачки агенции а притоа да не сносат никаква одговорност за нарушување на приватноста на своите корисници. Токму заради сеопфатниот имунитет што законот им го нуди на овие компании "многумина не го сметаат за закон за безбедност, туку како мерка за присмотра."

Сето ова беа стравовите околу претходната верзија на ЦИСА. Новата е уште поексплицитно фокусирана на следење и собирање податоци, и во неа законодавците ги имаат укинато деловите од законот кои ја спречуваа НСА дополнително да ги користи информациите што ги добива од присмотрата, а се укинува и задолжението до компаниите да ги анонимизираат податоците што и ги предаваат на владата.

Процената е дека заради гломазноста на буџетот, целиот процес на преговори кои му претходеа и опасноста од блокирање на целата администрација доколку тој не биде изгласан, речиси и да нема нешто што може да се направи за да се спречи неговото изгласување, што во пакет ќе го донесе и ЦИСА законот.

18 декември 2015 - 13:39