Најмодерното руско оружје полно со стара технологија

Најновите крстосувачки ракети и хеликоптери на руската армија се полни со децении стара технологија од старите модели на истото оружје, покажува истрагата на остатоците од руското вооружување собрани во Украина.

Станува збор за оружје кое е најмодерно во рускиот арсенал, но и покрај тоа содржи прилично ниско-технолошки компоненти, меѓу нив и „уникатен но базичен систем за навигација“.

Истрагата е изработена од британската КАР (Conflict Armament Research) која идентификува оружја и муниција што се користат во војните низ светот.

„Извештајот го поткопува наративот на Москва дека одново ја изградила својата војска да биде конкурентна на западните со помош на домашни ресурси.

Но исто така покажува и дека оружјата што Русија ги користи за уништување на украинските градови и села често пати користат западни иновации, и покрај санкциите што беа наметнати на Русија по инвазијата на Крим во 2014,“ пишува Њујорк тајмс.

За КАР не е јасно како Русија успеала да стигне до западната технологија што ја користи во оружјата, и од таму бараат производителите на оваа технологија (микрочипови) да ги проверат своите трансакции.

Анализирани се остатоците на три типа на руски крстосувачки ракети, вклучително и најновата и најнапредна Х-101, како и најновата наведувана ракета Торнадо-С. Сите овие ракети содржат идентична компонента обележана како СН-99, која истрагата покажала дека служи како ресивер за сателитска навигација.

Тоа што Русија ги користи истите компоненти покажува дека имаат застој во ланецот на снабдување, и дека ограничувањето на пристапот од СН-99 компонентите ќе ја забави способноста на Москва да ги надополни резервите на наведувани оружја.

„Ако сакаш да имаш ефикасна контрола и да се осигуриш дека Русите нема да можат да стигнат до нив, треба да знаеш што им треба на Русите и што користат.

Потоа е важно да знаеш како стигнале до него - преку кои мрежи? Кои снабдувачи ги користат,“ објаснуваат од КАР.

Истрагата открива дека руските инженери се потпирале на одредени чипови од конкретни западни производители не само за муниција, туку и за производство на дронови за следење, делови за хеликоптери и друга воена опрема.

7 септември 2022 - 14:39