На поранешниот ментор и соработник на Путин нешто не му е добро

Анатолиј Чубајс, поранешен вицепремиер на Русија, човекот кој го воведува Путин во политиката и се до почетокот на војната работи како негов советник, деновиве е хоспитализиран во „критична состојба“ на непозната локација.

Тој е дијагностициран со ГБС (Гилијан-Баре синдром), болест во која имунитетниот систем го напаѓа нервниот систем и која во одредени случаи се поврзува со вакцините против ковид-19.

Наводно проблемите на Чубајс почнале изненадно и тој престанал да ги чувствува рацете и нозете.

Чубајс уште во март ја напушти Русија и моментално не е познато каде точно се наоѓа во Европа. Кориере дела Сера пишува дека Чубајс бил на одмор на Сардинија кога се разболел.

67-годишниот Чубајс е највисокиот руски функционер што си поднесе оставка откако Путин нареди инвазија на Украина.

Чубајс целата кариера ја минува низ руската администрација, почнувајќи од позицијата заменик градоначалник на Санкт Петерсбург, каде го запознава Путин, па заменик премиер на Русија и шеф на кабинет на Јелцин, до најразлични советнички позиции од доаѓањето на Путин на власт.