Меден месец во време на ИД

Колку што не им е грижа за сите што не се со нив, толку ИД ги пазат своите членови и гледаат да им биде подмирено се' од плата до сместување, бонус за свадби и деца.

Асошијтед прес го пренесува сведоштвото на Сириецот Абу Билал ал Хомси (кого го интервјуираат неколку пати во последниве неколку години), на кој ИС му ја носи избраничката од Тунис со која до тогаш има само зборувано на интернет и му дава 1.500 долари за "основање на нов дом, семејство и меден месец."

Луксузните куќи и хотели во Рака, кои некогаш биле во сопственост на функционери од владата на Башар ал Асад, сега се превземени од владејачката класа на ИД. Во домовите на командантите на ИД како сексуални робинки се чуваат Јазиди жени и девојки киднапирани за време на борбите во Ирак. Бројот на девојки најчесто зависи од рангот на командантот.

Слично како што е случајот со ал Хомси, ИС се обидува да ожени колку може повеќе од своите борци. Странските борци добиваат стипендија од 500 долари за брак, ал Хомси земал 1.500 затоа што невестата му е докторка и зборува 4 јазици.

Хомси со сопругата чека дете, за што ќе добијат и бонус од 400 долари (ова важи за секое едно дете). Двајцата добиваат и стипендија од по 50 долари месечно. Тој добива пари и за униформа и алишта, средства за чистење, и кошничка со храна од 65 долари.

27 мај 2015 - 09:54