Либија; се сврти кругот

Три години откако со сила беше урнат режимот на Гадафи, Либија е потоната во хаос, безвластие и крвопролевање а западните ментори на "демократските промени" панично бегаат од земјата.

Американската надворешна политика призна сериозен и засрамувачки пораз кога деновиве реши да ја затвори својата амбасада во Либија а целиот персонал, во придружба на специјалци, маринци, F-16ки и беспилотни летала да го евакуира во соседен Тунис.

Тоа е епилог на крајно лицемерниот проект на САД и НАТО за соборување на власта на Гадафи и имплантирање демократија која зарши како бескрајна војна меѓу завојуваните милиции.

Амбасадата не била директно нападната но била во непосредна близина на тешки битки меѓу локалните армии па во таква ситуација е донесена одлука за евакуација.

Што таму се случува?

Новата либиска власт не успеа да изгради воени и полициски сили кои можат да ја контролираат ситуацијата. Голем дел од воената инфраструктура и оружје остана во раце на приватни лица.

"Демократијата" која НАТО ја вети во 2011-та се сведе на едни лажни избори кои никој не ги призна па се создаде политички вакуум кој сега се решава со вооружени судири на сите страни.Најголема иронија е тоа што тие судири ги водат истите групации кои НАТО ги користеше за обавување на валканите работи на теренот, додека траеа воздушните напади на Алијансата. 

Еден од господарите на војната е генералот Калиф Хафтар, човек кој беше "одгледуван" во Ленгли Вирџинија, со години обучуван од ЦИА кој чекаше погоден момент да се врати во земјата и тоа го стори откако беше срушен режимот на Гадафи. Но, во меѓувреме, се одметнува бидејќи се чувствувал изневерен од своите довчерашни ментори кои на клучните места почнаа да поставуваат луѓе од Муслиманското братство.

Спроти него се милитантни исламисти кои пред некое време решија да ги вратат своите џихадисти пратени во Сирија и Ирак, што е сигнал дека се подготвуваат за долга војна за освојување на Триполи и останатите стратешки градови во Либија.

А Американците се на сигурно, во Тунис.

1 август 2014 - 16:05