Колку мигранти ќе умрат за да биде организиран Мундијалот во Катар

За време на изградбата на стадионите во Катар животот ќе го изгубат повеќе емигранти кои работат на проектите, отколку што ќе се појават фудбалери за време на Светското првенство 2022-ра (заедно сосе замените).

Во последните 9 месеци во Катар умреле 83 индиски работници, 119 работници од Непал и уште 202 емигранти работници од други држави, се тврди во извештајот на Конфедерацијата на синдикати.

Тие очекуваат оваа бројка сериозно да се зголеми, откако Катар најави дека ќе дозволи влез за уште 500.000 мигранти, претежно од индискиот потконтинент, за изградба на стадиони, хотели и патишта за 2022-ра.

Само заради тоа што сите жртви не се случуваат на самите градилишта, работодавците не прифаќаат дека до смрт ги преработуваат своите работници. Еден од случаите беше Индиецот Чипари Махато, кој по работен ден од 6 часот до 19 часот, се враќа во кампот каде што е сместен во неклиматизирана соба со уште 12 други луѓе. Тој умира на спиење.

Работниците во земјата се врзани со некоја мутирана верзија на кафала системот, кој е дел од исламскиот закон и негова цел е згрижување и посвојување на деца. Во катарската верзија на овој систем (барем што се однесува на емигрантите), странските работници не можат да ја променат својата работа без согласност од работодавачот (компанијата што ги донела таму). Доколку го направат ова, работодавачот може да пријави во полиција и работникот да биде уапсен.

На работниците не може и да им пукне филмот и да си заминат дома, бидејќи за напуштање на Катар им е потребна излезна виза која им ја дава нивниот спонзор.

23 септември 2013 - 09:39