Додека ние најспонтано сме смислувале наслови, всушност сме работеле на „фраземско рамниште", правејќи „елипси". Ова ни го откри Билјана Никовска, чиј труд е посветен на зборовите со спротивни значења употребени во дури 7000 наслови на овој сајт. Објавуваме дел од текстот, чиј наслов (таков, уникатен и креативен) би можел да биде - „Не сме лоши, супер сме“.
6. Антонимите во насловите на веб-порталот Офф.нет.мк
Прв импулс за проучување на насловите од веб-порталот Офф.нет.мк беше нивната креативност и уникатност (кое може да се разработува во други пригоди). Но, овој труд се фокусира на антонимите поради впечатокот дека новинарите често се служат со оваа појава кога креираат наслов (што е забележано и во други медиуми на новинарскиот потстил) и поради впечатокот дека антонимијата во овој контекст не е многу проучувана во македонистиката.
По овој повод, во овој реферат, ќе бидат разгледани само контекстуалната антонимизација (со други имиња позната и како оказионална, авторска или автоними неологизми) и антонимијата на фраземско и комуникативно рамниште по претпоставка дека тие се специфични за новинарскиот потстил.
Се среќаваат уште и како конвенционални, јазични, стандарднојазични антоними (Лилјана Гушевска) или општојазични антоними (кај Томанова). Елизабета Ралповска антонимијата независна од контекстот ја нарекува лексичка антонимија.
Се среќаваат уште и со називите контекстуална антонимизација или дискурзивни антоними (Никодиновски); авторски или контекстуални (Лилјана Гушевска); индивидуални или контекстуални
(Томанова), а кај Велковска, покрај контекстуални, авторски, антоними неологизми, уште и оказионални антоними.
6.1 Антонимите во контекстот на насловите на порталот Офф.нет.мк
Контекстот е средство со помош на кое и лексемите, коишто изворно не се во некој однос, можат да остварат однос.
Контекстот може да го одреди функционалниот стил, но контекстот може да го одреди и авторскиот стил, т.е. авторскиот стил може да се изрази во контекст на некој функционален стил. Порталот Офф.нет.мк (неговите автори или уредничката политика) има специфичен „авторски стил", којшто се реализира во рамките на новинарскиот функционален потстил.
Од аспект на зависноста од контекстот, авторите ги делат антонимите на:
1. Антоними независни од контекстот
2. Антоними зависни од контекстот
Од истражуваниот материјал, значителен е бројот на наслови кои, според своите
особености, се вбројуваат во групата на антоними зависни од контекстот. Во продолжение се изложени следниве примери:
1. Вештачки засладувач vs. шеќер, 28.7.2015, Набрзинка (во конкретниот контекст, овие лексеми се антоними по добро и лошо)
2. Иван исцелител ги решава мистериите, љубовните маки и ситуациите на балканските и светските ѕвезди, 5.1.2015, На дното
3. Мал чекор за Фејсбук, голем чекор за Фејсбук човештвото, 21.1.2015, Интернет (во контекстот, „мал чекор"/„голем чекор" добиваат значење на нешто со помала важност наспрема нешто со голема важност)
4. Ова е македонско газенце, не е странско, 25.1.2015, На дното
5. Другари, недругари и ти, 9.2.2015, Забава
6. Баба Ванѓа умре, пациентите останаа, 31.3.2015, Балканштина
7. Тој воскреснува, ние не мрдаме, 13.4.2015, Македонштина
8. Ја спаси со нога каде што голман не може со рака, 12.6.2015, Фудбал
9. За дрогите: превенција а не прохибиција, 2.7.2015, Набрзинка
10. Џукела и коњи версус магаре и куче, 11.7.2015, Животни (џукела – куче, коњ– магаре)
11. Сам против сите, 29.7.2015, Фудбал
12. Журките некогаш и денес, 10.8.2015, Македонштина
13. Кога успехот (во школото) води кон пораз (во животот), 17.8.2015, Мислења (теорија наспрема практика)
14. Исто е, ама не е исто: порно вс. еротика, 21.8.2015, Набрзинка
15. Две жолти и црвен за еден фаул, 11.9.2015, Фдубал
16. Водич за купување или некупување 4К телевизор, 26.11.2015, Набрзинка
17. Махер и малер на колото, 21.1.2015, рубрика Кец у два (малер „лоша среќа, несреќа, неприлика, непријатен случај", махер „снаодлив човек, мајстор, специјалист, но може и во негативно значење". Не се вистински спротивни збора, но во овој контекст се употребени антонимно.)
18. Вонредната состојба како нормална,5.12.2015, Мислења
19. Татко на денот, шупак на векот,17.3.2015, Забава (татко – шупак, денот –веков)
20. Харвард забрани љубов меѓу професори и студенти, 6.2.2015, Набрзинка
21. Цената на совршено убавиот зеленчук и овошје,22.6.2015, Храна
22. Вера Јоциќ, некогаш и денес, 9.7.2015, Македонштина
23. За партизаните сме, не сме нацисти, 9.7.2015, Фудбал
24. Ајнштајн и Пикасо: спрегата помеѓу уметноста и науката,28.11.2015, Статија
25. Владика и војвода: браќа по оружје, 1.2.2015, Набрзинка
26. Чад од цигари вс. пареа од е-цигари, 17.8.2015, Разно
27. Многу ветуваа, а малку остварија,11.2.2015, Фудбал
28. Попрво ќе умрам стоејќи отколку да живеам на колена, 8.1.2015, Свет
Во одредени контексти авторите одлучуваат да создадат антонимен пар по звук, како начин за изразување на креативноста и стилско обележување (махер – малер, во примерот под број 17: Махер и малер на колото; превенција – прохибиција, во примерот под број 9: За дрогите: превенција а не прохибиција).
Некои контекстуални антоними, кои всушност не се вистински антоними, поради честата употреба и честото ставање во релација, почнуваат да се доживуваат и како фразеолошки изрази, па употребата на едниот (дури и надвор од контекст) спонтано поттикнува асоцијација на другиот: професори – студенти (примерот под број 20: Харвард забрани љубов меѓу професори и студенти), уметност – наука (примерот под број 24: Ајнштајн и Пикасо: спрегата помеѓу уметноста и науката), некогаш и денес (примерот под број 24: Вера Јоциќ, некогаш и денес), партизани – нацисти (примерот под број 23: За партизаните сме, не сме нацисти).
Антонимните парови со бои најчесто се одредени од контекстот. Во примерот Две жолти и црвен за еден фаул се среќава сопоставување на боите жолт (картон) и црвен (картон), што се антоними зависни од контекстот, во случајов, во областа на спортот.
Од примерите, исто така, може да се забележи и на кој начин се спојуваат, т.е. како се раздвојуваат антонимските парови во насловите. Ова го постигнуваат најчесто со латинскиот збор версус или со неговата скратеница на латиница (vs.) или на кирилица (вс.), со запирка или со сврзниците и, а, ама, против, туку, отколку. Издвоен случај, во кој на парадоксален начин се изразува спротивност во самата именска група е примерот:
29. Пасивен активизам, 6.6.2015, Набрзинка
Како издвоен случај може да се анализира и следниот пример, во кој во антонимен однос се поставени два синонима (сила – моќ).
30. Знаењето е сила, илустрацијата е моќ, 3.3.2015, Македонштина
6.2 Антонимите во фразеолошките изрази на насловите на веб-порталот Офф.нет.мк
Антонимна релација може да се добие и со спротивставување на два фразеолошки изрази (фразеологизми, фраземи). Како што е познато, фразеолошките изрази се зборовни споеви што се употребуваат во јазикот како целосни или како готови јазични елементи со единствено значење. Тие се често јазично средство во новинарскиот потстил бидејќи во куса форма (што е општа карактеристика на овој потстил) може да се искаже став и истовремено силно да се влијае на примачите. Тие се и израз на креативноста на авторот. И оваа анализа на антонимите во новинарскиот потстил ќе покаже дека фразеолошките изрази (клучни се тука, се разбира, спротивставените) се специфично и често јазичноизразно средство.
Во лексикологијата се споменуваат различни видови фразеолошки изрази. Овде акцентот е ставен на старите и на новите фразеолошки изрази, но во насловите употребени во модифицирана форма29. Во анализираните наслови од веб-порталот Офф.нет.мк се забележува тенденцијата за модификација на спротивставените фразеолошки изрази. Неговите автори често го употребуваат ова средство за јазичен израз и успеваат токму со него да го постигнат ефектот на стилска препознатливост.
6.2.1 Стари антонимни фразеолошки изрази (модифицирани)
Старите фразеолошки изрази се фразеолошки изрази познати на говорителите на македонскиот јазик, како следниов пример:
31. Лева рака десен џеб на прес-конференција, 12.5.2015, Кошарка
Меѓутоа, во насловите на новинарскиот потстил, често се употребуваат изменети.
Во продолжение се некои од нив, а во заграда се ставени фразеолошките изрази од кои
(најверојатно) се мотивирани:
32. Чест секому, бод никому во Берлин, 21.4.2015, Берлин (Чест секому, вересија никому)
33. Удолу длабоко, угоре ФБИ, 5.6.2015, Свет (Угоре високо, удолу длабоко)
34. Угоре убаво, удолу ужасно, 25.12.2015, Македонштина (Угоре високо, удолу длабоко)
35. Слобода или лајк, 15.1.2015, Разно (Слобода или смрт)
36. Европа или смрт, 26.1.2015, Свет (Слобода или смрт)
37. Мал чекор за Фејсбук, голем чекор за Фејсбук човештвото, 21.1.2015, Интернет (Мал чекор за човекот, голем за човештвото)
38. Маж рекол, маж одрекол, 28.3.2015, Разно (се наоѓа уште и како Пес рекол, пес одрекол)
Од примерите се забележува дека стилскиот ефект најчесто се постигнува со замена на една компонента со друга, но и со додавање на компонента (како Фејсбук човештвото во примерот со бројот 38: Мал чекор за Фејсбук, голем чекор за Фејсбук човештвото).
Понекогаш, модифицираноста на спротивставеноста може да се разбере само ако се прочита новинарскиот напис. На пример, во насловот:
39. Ќелави сме, не сме зло, 28.7.2015, Разно
Овде, насловот се однесува на реакција на еден маж (ќелав) против трендот негативните ликови во филмовите да бидат ќелави (Лекс Лутор во Супермен, Бејн во Бетмен, Волдермор во Хари Потер, Дарт Мол во Војна на ѕвездите).
Модификацијата може да биде и од некоја парола што се извикува. Во следниов пример една таква парола се користи и за претставување на некаков парадокс или иронија. Пример за ваква постапка е насловот:
40. Европа е капут. Да живее Европа, 23.11.2015, рубрика Разно (Царот е мртов. Да живее царот!)
6.2.2. Нови антонимни фразеолошки изрази (модифицирани)
Во новинарскиот потстил се среќаваат и нови фразеолошки изрази, кои можат да произлезат од: актуелни рекламни слогови (Сурфај локално, пафтај глобално), наслови на книги (Плажата мина, тркалото никогаш), имиња на проекти (Купи куќа, купи село и Знаењето е сила, илустрацијата е моќ), наслови на филмови (Врати широко подзатворени). Специфично за нив е тоа што, најчесто, се користат модифицирани. Во продолжение се дадени примери со вакви изрази, модифицирани и антонимни.
41. Сурфај локално, пафтај глобално, 4.6.2015, Храна (Мисли глобално, дејствувај локално – познат рекламен слоган)
42. Плажата мина, тркалото никогаш, 6.7.2015, Набрзинка (Година пролази, дан никад, роман на Жарко Лаушевиќ)
43. Купи куќа, купи село, 24.8.2015, Разно (Купи куќа, купи стан, име на проектот на Владата на РМ за субвенциониран станбен кредит)
44. Врати широко подзатворени, 25.11.2015, Свет (Очи широко затворени, познат филм на режисерот Стенли Кјубрик)
45. Знаењето е сила, илустрацијата е моќ, 3.3.2015, Македонштина (Знаењето е сила, знаењето е моќ, име на проект на Владата на РМ за зголемување на свеста кај јавноста за важноста од образование)
Во случајот бр. 42, Сурфај локално, пафтај глобално, можно е да се работи за јазична грешка (треба павта, а не пафта) или за свесна употреба на погрешниот збор заради создавање антонимен пар по звук.
Присутна појава во одредени антонимни изрази е елипсата, т.е. елиптичните антонимиски изрази и фразеологизираните елиптични антонимиски изрази. Од ексцерпираниот материјал, ги наведуваме следниве примери со елипса:
46. Битката на Ал Џезеира: Да се биде или не Шарли, 12.1.2015, рубрика Медуми (... да не се биде)
47. Што донесе, а што не Африканскиот куп на нации,9.2.2015, рубрика Фудбал (... не донесе)
48. И да не сте голема риба, јадете мали, 9.7.2015, рубрика Храна (... мали риби)
49. Што може да направи фото-апарат, а камера не може, 16.10.2015, рубрика Фудбал (... не може да направи)
50. Рака или не е рака,19.10.2015, рубрика Фудбал (рака е ...)
Од примерите се гледа дека најподложен на елипса во реченицата е прирокот.
Заклучоци од истражувањето
Од околу 7000 прегледани наслови од порталот Офф.нет.мк објавени во 2015, во 120 наслови се употребени антонимни парови. Квантитетот на забележани антоними од вкупниот број на наслови може да се смета за значителен и доволен за обработка на антонимите во новинарскиот потстил. Од сите наслови со антоними, селектирани (и овде забележани) се антонимите во контекстот и во фразеологијата. Бројот на овој вид е околу една третина од вкупниот број на ексцерпирани антонимни наслови.
Истражувањето ги формира следниве заклучоци:
• Порталот Офф.нет.мк се одликува со специфичен стил наспрема другите веб-портали на македонски јазик со сличен концепт. Овој посебен стил се препознава уште во насловите (и особено во насловите). Креативноста на насловите ја постигнуваат на разни начини и со богатство од јазични средства.
• Контекстуалните антоними се често средства во јазичниот израз на насловите на порталот Офф.нет.мк и авторите успеваат токму со него да го постигнат ефектот на стилска препознатливост.
• Фразеолошките изрази се уште едно средство за стилска препознатливост. Ова посебно се постигнува со модификација на старите и на новите фразеолошки изрази.
• Се потврди претпоставката дека контекстуалните антоними и антонимните фразеолошки изрази во насловите на новинарскиот потстил се употребуваат често.
• Репрезентативниот материјал покажа дека се употребени речиси сите видови антоними, според различните критериуми за нивна поделба кај повеќе автори.
автор: Билјана Никовска
Текстот е презентиран на Деветтиот научен собир на млади македонисти, 12–13 мај 2016 година, Филолошки факултет „Блаже Конески" во Скопје. Тука е објавен во скратена форма, без фусноти и референци.