Кина е исплашена за храна, и тоа сите ќе го платиме

Критичарите ја обвинуваат Кина дека почнала да прави преголеми залихи на житарки, па во време кога остатокот од светот трепти дали воопшто ќе има житарки за купување на светскиот пазар Кина има повеќе од половина од светските резерви од одредени култури.

Како да не беа доволни пандемијата и војната во Украина, стабилноста на кинеската залиха на житарки беше нарушена и од масовните врнежи кои се случија минатата година и кои би можеле значително да го намалат приносот.

Кинеската паника околу обезбедувањето храна за своето население звучи доста прозаично, па претседателот Ши Џинпинг ќе каже „чиниите ориз на народот мора цврсто да бидат држени во нивните раце во секое време“.

Стравовите на кинеските власти се поттикнати и од тензиите што земјата ги има со Канада и Австралија, кои се едни од најголемите извозници на житарки во Кина. Властите се загрижени дека и двете земји би можеле да го прекинат извозот, слично како што увозот на соја од САД речиси запре кога Доналд Трамп започна трговска војна со Кина.

Доминацијата што Украина ја има на светскиот пазар со житарки не ја заобиколува ни Кина. Во 2021, на Украина отпаѓаат 29% од целата увезена пченка во Кина и 26% од целиот увезен јачмен во земјата.

На долг рок зависењето од не толку наклонети држави за покривање на основните потреби е проблем и во кинеските пресметки за потенцијална инвазија на Тајван, дека и на нејзе би можеле да и бидат наметнати санкции како на Русија.

Имајќи ги сите овие проблеми предвид, кинеските власти преземаат две важни мерки. Прва, трупаат што е можно повеќе храна, втора, на секој начин гледаат да го зголемат производството.

Во изминативе 5 години кинеското купување на секакви видови храна од САД е во константен раст. Процената на американското министерство за земјоделство е дека до средината на 2022 Кина ќе поседува 69% од светските резерви на пченка, 60% од оризот и 51% од пченицата.

„И сето ова за да се нахрани 18% од светската популација,“ се забележува во текстот на Економист.

Минатата година кинеските власти објавија дека резервите со житарки на земјата се на „историски високо“ ниво и дека имаат доволно пченица за да ја покријат побарувачката во следните 18 месеци. Ваквата ситуација во Кина се одрази со скок на глобалните цени на житарките.

Кинезите заклучиле дека на долг рок можеби ќе успеат да најдат нови снабдувачи со житарки, но и тоа ќе биде тешко. Наместо тоа, тие сега се обидуваат да станат самодоволни, па новите владини насоки бараат од кинеските производители да покријат 95% од кинеската побарувачка за основни култури. Кај оризот ја исполнуваат оваа граница. Кај сирак (тропска житарка) и јачмен не успеваат, а кај пченка и пченица се приближуваат до границата. Тука ќе помогнат и ГМО житарките, кон кои кинеската влада не е нешто посебно гадлива, но и покрај тоа внимателно и полека ги воведува.

Професорот на Технолошкиот универзитет во Сингапур, Жанг Хангжу, објаснува дека „дури Кина и да одлучи дека ќе биде самодоволна, тоа сега е речиси невозможно,“ меѓутоа тоа не значи дека ќе престане да се обидува, посебно и затоа што претседателот Ши, константно работи на тоа што е можно повеќе од тоа што го консумира Кина да биде од домашно производство.

12 април 2022 - 10:01