Како Русите се навикнаа на тероризмот

Како што човек се навикнува на сè останато, ако го има премногу тогаш веќе престанува да е страшно.

Пред седум години во Москва е последниот пат кога во руско метро е извршен бомбашки напад. Во нападот од март 2010 две Дагестанки се самоубиваат на две локации во метрото, едната од нив речиси под Лубјанка, седиштето на ФСБ. Во нападите загинуваат околу 40 луѓе, а десетици се повредени. Бидејќи ова е прв напад во Москва по долго време, аналитичарите предвидуваат дека ова ќе биде пресвртница. Според едни нападот ќе биде почеток на голема акција во Северниот Кавказ, за други народот ќе се крене против власта затоа што таа не може да го заштити, според трети Путин ќе изврши притисок и дополнително ќе ги ограничи политичките слободи.

По нападот на метрото во Санкт Петербург од понеделникот, во кој загинаа 14 луѓе, а 40 се повредени, муабетите се слични. За едни овој напад е сличен како сомнителната експлозија во станбен блок во Русија во 1999 во која загинаа стотици луѓе, а се случи на една година пред претседателските избори, иста временска рамка како и нападот во родниот град на Путин. За други нападите не се блиски само до изборите во 2018, туку се во исто време со неодамнешните анти-корупциски протести во Москва и низ Русија.

Од сето она што беше предвидувано во 2010 по нападот на метрото во Москва, речиси ништо не се оствари, освен неколку мали тактички операции во Дагестан. Во 2017 веројатно ќе се случи истото.

Показател за тоа колку тероризмот не менува ништо позначајно во Русија се и нападот од 2013 во Волгоград, неколку недели пред Олимпијадата во Сочи, или по бомбашкиот напад над Шарм ел-Шеик во кој беше соборен патнички авион полн со руски туристи (над 220 луѓе).

"За разлика од Американците и Европејците, Русите за жал се навикнати на тероризам. Речиси три децении од нивните животи, почнувајќи од 1990-те, се препречени од напади," пишува Џулија Иоф во текстот за Атлантик.

Освен погоре споменатите напади, за време на првиот мандат на Путин, додека траеше втората Чеченска војна, терористичките напади беа редовна појава во Северен Кавказ. Во 2002, речиси 200 лица загинаа кога руските специјалци пуштија смртоносен гас во театар во кој чеченски терористи држеа руски заложници. Во 2004, стотици деца и учители беа убиени во Беслан. Истата година две жени-самоубијци истовремено соборија два патнички авиони убивајќи околу 90 луѓе.

За време на мандатот на Медведев како претседател на Русија, во 2011 терористи извршија бомбашки напад на московскиот аеродром Домодедово, еден од најфреквентните аеродроми во светот.

"Веројатно не е изненадување, но Русите во најголем дел се привикнаа на тероризмот. Според социолошка студија спроведена од независниот Левада центар во 2016, најголемиот дел од Русите го гледаат тероризмот како 'рутина и галама во позадина'.

Мнозинството истовремено и очекува терористички напади и чувствува дека нивните безбедносни служби прават доволно во борбата со тероризмот. Тие исто така даваат силна поддршка на руските операции во Сирија, најчесто по линија на аргументот на Кремљ дека се борат против терористите пред тие да ја нападнат Русија.

Фактот дека, ноќеска, исламисти наводно убиле двајца полицајци во рускиот град Астракан, на Каспиското море, речиси и не беше регистриран во Русија.

Ако има го има премногу, изгледа, тероризмот престанува да биде застрашувачки," пишува Иоф.

5 април 2017 - 12:09