Како Гардијан може да му помогне на Асанж

По изјавата на австралискиот премиер Албанезе, дека отворено побарал од владата на САД да го помилува Жулијан Асанж, уследи отворено писмо на пет големи медиумски имиња. Тие бараат нивниот поранешен соработник да биде ослободен. Меѓу нив е и Гардијан, а долгото паметење на австралиската новинарка Кетлин Џонстон не дозволува тоа да им помине само така.

Гардијан им се приклучи на Њујорк тајмс, Ле Монде, Шпигел и Ел Паис и се потпиша на отвореното писмо во кое петте весници кои соработуваа со Викиликс пред 12 години, сега бараат од администрацијата на Бајден да го помилува Жулијан Асанж. 

Учеството на Гардијан во иницијативата е особено интересно, имајќи предвид дека нивните објави беа исклучително конструктивни во процесот на обезбедување поддршка во јавноста за негово гонење. 

Затоа, ако Гардијан навистина сака да помогне во ставањето точка на истрагата против на херојскиот основач на Викиликс, најдобро да ги собере сите тие бљувотини, спинови и неумесни лаги, и формално да се извини за објавувањето на истите. 

На крајот на денот, тоа е истиот оној Гардијан што ја објави проѕирната, идиотска и целосно непоткрепена репортажа каде тврди дека лакејот на Доналд Трамп повеќепати се среќавал со Асанж во амбасадата на Еквадор. Ништо оттогаш не беше објавено со цел поддршка на ваквото тврдење иако амбасадата во тоа време беше речиси под опсада. Истрагата на Роберт Милер, чиј широк опсег сигурно би фатил нешто од тие средби, не содржи апсолутно ништо на оваа тема. Сторијата беше измислица што ја демантираа сите засегнати страни, и во која ниту еден сериозен човек не поверува, но таа и денес стои на официјалниот сајт на Гардијан.

Истиот тој Гардијан објави и дека „единственото што го спречува Асанж да излезе од амбасадата на Еквадор е неговата гордост“, правејќи го смешен поради тоа што седи таму во азил, истакнувајќи дека „мали се шансите тој да биде правно гонет во САД“. 

Гардијан објави и напис за поддржувачите, со наслов „Дефиниција на параноја: поддржувачите на Жулијан Асанж“, каде спомна дека оние што го бранат се теоретичари на завери, прашувајќи зашто некој би се тревожел да го апси (кога тој самиот секојдневно се дискредитира) а додаде и „уверување“ дека нема формално барање за екстрадиција. 

Тоа беше весникот и што го доведе во средиштето на наводната врска Најџер Фараж - Доналд Трамп - Русија, тврдење основно само врз „кажувањата на висок функционер со врски во американското разузнавање“, и весникот што избриша газ со новинарските протоколи и го нарекуваше соработник на Кремљ (што тој не е) без да се замара пред тоа да го стави зборот „наводен“ и тоа повеќе од еднаш

Гардијан, кој обзнани уште еден куп бљувотини, како што може да се види и од написот во The Canary со наслов „Криви за инсинуирање: кампањата на Гардијан против Жулијан Асанж што ги крши сите правила“.

Дури и самата формулација во отвореното писмо е нечесна, кога станува збор за Гардијан. 

„Оваа група на уредници и издавачи, од која сите работеле со Асанж, почувствува потреба јавно да го критикува неговото однесување во 2011-та кога објави нередактирани документи, а некои од нас се загрижени и поради обвинувањата дека тој учествувал во компјутерски упад во базите со класификувани документи. Но, сега се собравме да ја изразиме нашата силна загриженост поради продолжената истрага на Жулијан Асанж за прибирање и објавување на класификувани документи“, стои во писмото.

Приказната дека Асанж безобѕирно објави нередактирани документи во 2011-та е уште една клевета. 

Нередактираните документи всушност беа прво објавени на други места, како резултат на тоа што вистинскиот пасворд беше непромисленo објавен во книгата на новинарот на Гардијан, Дејвид Ли и Лук Хардинг (истиот оној Лук Хардинг што е ко-автор на лажната сторија Манафорт-Асанж). Асанж презеде вонредни мерки во обид да ја смали штетата која ја направија новинарите на Гардијан, но сепак беше фрлен во оган и обвинет за своите постапки. 

Единствената причина зашто јавната поддршка за Асанж не е поголема, е тоа дека голем дел од јавноста е наведена да верува дека гонетиот е руски агент што прекршувал закони и загрозувал животи, а не новинар што зборувал вистина. Гардијан играше клучна улога во фабрикувањето на ваквата перцепција и затоа би направил огромно добро кога би ги повлекол и би се извинил за објавите кои придонесуваат за погрешната кауза. Ова е нешто кое би го направиле кога навистина би им било гајле за вистината, правдата и новинарската етика. Дали тоа е она што луѓето кои го водат Гардијан планираат да го направат? Не би рекла. 

Кетлин Џонстон, 

Конзорциум њус

1 декември 2022 - 16:33