Италија во лов на Ферарија

Низ цела Италија полицијата на големо застанува возачи на Ферари и Ламброџини, ама не заради возењето, туку да провери дали имаат платено данок.

Со акцијата за откривање на затајување на данок до сега се откриени над 12 милијарди долари во неплатени даноци само годинава, а идентификувани се над 2.000 автомобили чии сопственици немале платено данок.

Полицијата почнала да открива и лица кои "површно" се обидувале да го скријат затајувањето. Еден градежник од Перуџа, кој често пати бил фаќан како пребрзо вози со Ферари, Масерати или Мерцедес, ги имал регистрирано своите автомобили на име на мајка си. Кога бил уапсен било откриено дека тој не пријавил повеќе од 7 милиони евра од продадени недвижности во последните 3 години.

Во друг случај во Пескара, бил уапсен водоводџија кој има три куќи, 30 сметки во банки и возел Ферари.

Во јануари годинава беше направен "даночен десант" на Кортина Д'Ампецо, кога во зимскиот центар беа проверени сопствениците на 133 Ламборџинија, Ферарија и други луксузни автомобили. Инспекцијата откри дека една третина од овие, пријавиле годишни приходи од само 30.000 долари.

Кориере дела Сера ја пренесе изјавата на еден сопственик на Ферари кој се пожалил дека кога вози во автомобилот со себе ги носи и даночните пријави.

Секако, ригорозноста во собирањето даноци има и свои последици, од типот писма бомби или молотови коктели кои сега стигаат до канцелариите на даночната управа низ Италија. Само во изминатата година имало околу 250 вакви случаи.

И до сега властите правеа проверки на сопствениците на вили, јахти и луксузни автомобили, но по смената на Берлускони во ноември минатата година, наплаќањето данок стана главен приоритет на власта. Моментално јавниот долг во земјата е 2,5 трилиони долари.

23 мај 2012 - 17:29