Грците успеаа да ги вметнат мермерите од Акропол во трговските преговори околу брегзит

Меѓу ставките што ќе треба да се испреговараат за Британија да добие пристап до пазарот на ЕУ, по инсистирање на Грција беше додадено и враќањето во Грција на купот антички мермерни плочи што Британците своевремено го крадат од Атина.

Во последниот драфт на основите за кои ќе преговара ЕУ, стои и дека двете страни ќе треба „да се осврнат на прашањата во врска со враќањето или надоместување на незаконски отстранетите културни предмети во земјите на нивно потекло.“

Функционери и на двете страни изјавуваат дека оваа клаузула е директна референца на мермерите на Елгин кои на почетокот на 19-от век Британците ги одземаат од Акропол. Во исто време грчки функционери негираат дека клаузулата има врска со споменатите мермери, дополнувајќи дека има нерешени билатерални прашања меѓу двете држави.

Документот ги поставува параметрите за позицијата на ЕУ во преговорите со Британија кои започнуваат следниот месец.

Освен Грците на преговорите своите приколки ги закачија и Шпанците кои од Британија бараат исправање правдини околу Гибралтар, и Франција која има сосема нови услови околу квотите за рибарење.

19 февруари 2020 - 13:48