Годинава аџилак ќе има за само 1.000 аџии од цел свет

Драматичното намалување на посетители, од милиони на само илјада, се должи на пандемијата, а саудиските власти аџилакот годинава го закажаа за 29 јули.

Стандардно Мека за време на аџилакот во рок од неколку денови е посетена од околу 2,5 милиони луѓе. Меѓутоа годинава во една од најсветите муслимански локации ќе пристигнат само 1.000 лица, за кои ќе важат строги хигиенски протоколи, и кои од старт нема да смеат да се постари од 65 години или да имаат некоја хронична болест.

Исто така сите аџии од претходно треба да се присутни во саудиското кралство, а според медиумите поделбата на посетителите ќе биде 70% странци во Саудиска Арабија и 30% локалци.

Пред пристигнување во Мека аџиите ќе бидат тестирани, а по враќање дома задолжително одат во  карантин.

Минатиот месец Саудиските власти најавија „многу ограничен“ аџилак, меѓутоа претпоставката беше дека ќе станува збор за барем десетици илјади аџии.

Саудијците најлошо минаа со пандемијата од сите арапски држави од Заливот, со над 253.000 случаи и 2.523 мртви.

Ова е прв пат во скората историја Саудиска Арабија да забрани пристигнување на аџии од остатокот од светот, што прилично ги разочара муслиманите низ планетава, меѓутоа главно беше прифатено како неопходна мерка.

Бројките на саудиската влада покажуваат дека земјата од организирањето аџилак (не е само овој има уште неколку во текот на годината) има годишни приходи од 12 милијарди долари.

21 јули 2020 - 09:19