Екс-данска министерка ќе лежи затвор заради терање правдини

Ингер Стојберг е данската министерка која е прогласена за виновна за разделување на мигрантските брачни парови што пристигнувале во Данска. Клучниот детаљ е што тоа се брачни парови кај кои едниот партнер (речиси секогаш женскиот) е малолетно лице.

Во 2016, по големо медиумско покривање на „деца невести“ во бегалските центри, Стојберг одлучи дека ќе ги раздели брачните парови во кои едното лице е малолетно, па макар да имаат и деца. Со оваа одлука беа опфатени вкупно 23 пара, од кој најголемиот дел избегани од Сирија и Ирак.

„Тие мора да бидат разделени бидејќи јас нема да прифатам дека во мојот систем може да има примери на принуда,“ изјави тогаш Стојберг.

За ова Стојберг доби 60 дена затворска казна и таа нема да може да биде обжалена.

Зборувајќи по пресудата, Стојберг порача дека воопшто не жали:

„Ако требаше да живеам со фактот дека не ги заштитив тие девојчиња, ќе беше потешко за мене отколку да живеам со пресудата.“

Стојберг беше министерка во претходната централно-десна данска влада, а допрва законодавците на земјата треба да одлучат дали таа ќе може да продолжи да го служи пратеничкиот мандат во данскиот парламент.

Додека беше министерка таа имаше и други, некои некомплетирани, иницијативи за имигрантите па објави реклами во либанските медиуми за одвраќање на имигрантите; планираше сите непосакувани мигранти да ги смести на еден далечен дански остров заедно со затвореници затоа што тие треба да се чувствуваат „непосакувани“; и со торта го прослави носењето на 50-та анти-имигрантска политика од типот одземање на целото злато и накит на бегалците за да се плати нивниот престој во Данска.

15 декември 2021 - 13:22