Драга ми е Украина, ама подраги ми се топли радијатори во зима?

Премиерот на германската сојузна држава Саксонија се одметна од официјалниот став на својата партија, ЦДУ, и побара замрзнување на конфликтот во Украина и почнување на мировни преговори со Русија.

На Михаил Кретшмер му е јасно дека секакви муабети за преговори со Русија ќе бидат „горки за Украина“ но инсистира дека е дојдено време за сериозна дискусија ако се има предвид реалноста од континуираните борби во регионот и пошироките последици од таквиот конфликт.

„Знам дека ова е малцинско мислење и дека другиот став е далеку попопуларен. Како и да е, се залагам повеќе да се размисли за ова.

Ќе биде горчеливо за Украина да тргне по овој пат, но која е алтернативата?“ изјавил Кретшмер за германски Билд.

За Кретшмер Германија и Франција би играле главна улога во ваквото примирје и мировниот договор што следува.

На изјавата на Кретшмер реагира Андриј Мелник, до неодамна украински амбасадор во Германија, кој на Твитер на премиерот на Саксонија му порачува:

„Украинците се залагаат да си ја ставиш главата во замрзнувач за да ги замрзнеш твоите жешки руски фантазии.

Твоето константно умилкување на воениот злосторник Путин е одвратно.“

Со изјавата на својот сопартиец не се согласува ни претседателот на ЦДУ, Каи Вегнер, за кого со Путин е невозможен мировен договор.

Кретшмер е прв повисок германски функционер кој застранил и од официјалната германска држава политика која упорно стои на тоа дека „Украина мора да победи по секоја цена“.