Договор за заемно неуништување

7-годишната истрага на ЕУ околу монополот на Газпром заврши без никаква казна за руската компанија, која за возврат вети дека ќе се поправи во иднина и ќе ги намали цените на гасот во Источна Европа.

Одлуката е резултат на истрага спроведена од надлежните за заштита на пазарната конкуренција, која започна во 2011, имаше рации во 20 канцеларии на Газпром во 10 држави низ ЕУ во кои беа запленети 150.000 документи.

Газпром е најголемиот снабдувач со гас на ЕУ и покрива околу 30% од потребите на Унијата, додека во исто време од компанијата доаѓаат околу 9% од БДП-то на Русија. Дел од проблемот што истокот на ЕУ го имаше е што компанијата цената на гасот ја одредуваше според неговата вредност на берзите во Западна Европа. Со новата спогодба меѓу Европската комисија и Газпром, оваа пракса се укинува.

Со одредбите се укинува и забраната за препродажба на гас од Газпром на трети страни.

Вака глаткиот исход за двете страни не е ни приближно ентузијастички пречекан кај некои од членките на Унијата. Така Полска е гневна што Газпром нема да плаќа никакви финансиски пенали, а на иста позиција е и Литванија.

Од ЕУ исклучувањето на финансиска правда го објаснуваат со укинувањето на досегашните пракси за одредување на цената на гасот.

Спогодбата трае осум години, и ако во тој период Газпром ги прекрши договорените одредби, Комисијата ќе го казни за нарушување на пазарната конкуренција и монопол.

29 мај 2018 - 13:46