А последниот воздушен напад чувај го за себе

Во крајно "Тврдокорни" манир руски специјалец безизлезно опколен од сите страни од ИСИС, повикува воздушен напад од руската авијација во Сирија. Не планира да биде заробен од ИСИС, па одлучува да ги даде сопствените координати.

Руските воени претставници ја потврдуваат смртта на специјалецот во близина на Палмира, каде бил на задача да ги наведува руските воздушни напади на цели на ИСИС.

"Тој речиси цела седмица беше на задача во околината на Палмира, каде идентификуваше клучни мети на ИСИС и ги пренесуваше нивните точни координати до руската авијација.

Офицерот загина како херој. Тој ги наведе проектилите кон себе откако беше лоциран и опколен од терористите," изјавил за руските агенции неименуван воен претставник од руската база во Сирија.

Од почетокот на кампањата во септември, Русите ниту еднаш немаа спомнато присуство на пешадиски сили.

Минатата недела медиуми поврзани со ИСИС пренесоа дека 5 руски специјалци се убиени во близина на Палмира, објавувајќи слики од нивните мобилни и видеа од мртвите тела. Русите го негираа ова објавувајќи дека сириската армија ја спроведува извидницата во акцијата.

Во четвртокот сириските трупи конечно успеаа да го освојат градот, кој од мај минатата година беше во рацете на ИСИС. Целата акција беше спроведена со помош на руската авијација и локални сојузнички милиции.

Минатата седмица, меѓу среда и недела руските авиони извршиле 146 воздушни напади на "терористички мети" во близина на Палмира.