Зошто Запад се грози од фанови на Путин

"Колку што Запад е поарогантен, посамоуверен и понезаинтересиран, толку исмеваниот руски систем ќе биде попривлечен за оние на европските маргини. Така и ни треба кога Бугарите се мрзливци кои паразитираат на нашата социјална помош".

Ова го напиша прочуениот германски новинар Јакуб Аугштајн како реакција на оценката на поранешниот германски министер за одбрана Фолкер Руе дека не познава никого на светов кој би сакал да го усвои рускиот систем.

Аугштајн застана и во одбрана на поранешниот премиер на Брандербург Матијас Плацек кој пред некое време се запиша во клубот на оние "кои имаат разбирање за Путин" што денес во Германија и на целиот Запад е најголем грев.

Плацек и Аугштајн се гласови на осамени во пустина. Огромно мнозинство политичари и медиуми му се настрвија на политичарот кому своевремено му се предвидуваше блескава државничка кариера обвинувајќи го дека е поборник на "нов минхенски договор." Се алудира на ситуацијата од 1938-ма кога на нацистите им се призна правото на Судетите.

Тоа е омилена формула за дискредитација на оние кои го почитуваат Путин. Да се влечат изнасилени историски паралели при што нему му е доверена улогата да асоцира на Хитлер. 

Примери за непожелноста на Путин имаме и во поблиското опкружување. Во Хрватска на пример, есеистот Игор Мандиќ со својата изјава дека "Путин му е симпатија" го собра гневот на јавноста повеќе отколку кога тврдеше дека Добрица Ќосиќ е поголем од Мирослав Крлежа.

Во текстот "Словенот не Германец", писателот Мухарем Баздуљ вели дека со оваа, само навидум банална констатација, почнува разбирањето дека интересите на Запад не се единствените интереси кои во глобалната политика се однапред зададени и аксиоматски. Изневерувањето на низа договорив со Русија уште од 90-тите години, арбитрарната и волунтаристичка одлука Косово да се прогласи за посебен случај и цел низ кратковидни и надмени одлуки, го доведоа Запад до точка во која секоја легитимна руска одбрана на своите интереси ја прогласува за фашистичка и агресивна. 

Како што ја опишува моменталната атмосфера спомнатиот Аугштајн:

"Ако рускиот претседател во првите три секунди на разговорот не го наречете светски злосторник, станувате одговорен за анексијата на Крим и руските антигеј закони."

10 декември 2014 - 17:25