Зградата од 25 милиони долари што никој не ја сака

Не само што не ја сакаат зградата, туку никогаш не им била потребна, ниту пак некогаш ја искористиле, а изградена е и покрај тоа што 3 американски генерали по ред се обиделе да го сопрат проектот.

Пркосот на проектот за изградба на зградата потекнува пред се од стравот и неможноста да се откаже проект за кој Конгресот веќе одобрил и дал пари.

Објектот од 5.950 метри квадратни бил предвиден за американските војници кои требало да ги засилат постојните американски сили за време на офанзивата во 2010-та. Уште тогаш, дури и по најоптимистичките процени проектот нема да биде готов до 6 месеци откако овие трупи веќе почнале да се враќаат дома.

Сумата од 25 милиони долари е по конзервативни процени. За потребите на базата армијата изгради пат и придружни објекти во вредност од над 20 милиони долари.

Генерал-мајор Ричард Милс, кој има свои војници во провинцијата Хелманд каде што треба да биде изградена базата, прв го одбива планот. Неговата одлука ја потврдуваат уште двајца други генерали. Кога барањето за откажување потпишано од трите генерали стига во Централата на американската армија (задолжена за изградба на воени објекти во Авганистан), надлежниот Генерал-мајор Петер Ванџел ја одбива препораката и одлучува дека ќе се гради.

"Претходниот месец, финансирањето за офанзивата - вклучително и објектот од 24 милиони долари - беа изгласани од Конгресот. За сега да се укине објектот и парите да се пренасочат на друго место војската ќе мора да го консултира Конгресот, бирократски процес кој се нарекува 'репрограмирање.' И изгледа никој не сакал да го минува тоа," се објаснува во анализата на ПроПублика.

Изградбата на објектот започнува во мај 2011-та. На 22-ри јуни Обама објавува дека повлекувањето на војската (меѓу кои и делот што требаше да биде сместен во новата база) ќе започне веќе во месец јули.

Со целата досегашна одбивност кон проектот и почната изградба, за базата почнуваат да се бараат и доделуваат дополнителни средства:

- јули 2011-та - дополнителни 109.545 долари, направена е промена на објектот.

- септември 2011-та - дополнителни 2.661 долар, направена е промена на објектот.

- март 2012-та - дополнителни 105.656 долари, направена е промена на објектот.

- април 2012-та - дополнителни 257.396 долари, направена е промена на објектот.

- јули 2012-та - дополнителни 1.934.658 долари, нарачан е мебел.

- август 2012-та - дополнителни 2.774.637 долари, нарачана е аудио и визуелна опрема (за 2.304.669 долари) и опрема за видео теле-конференции (за 469.968 долари).

- септември 2012-та - дополнителни 3.047.434 долари, нарачан е резервоар за вода за 176.255 долари, дополнителна аудио и видео опрема за 603.474 долари и комуникациска опрема за 2.267.795 долари. Поставена е и влезна контролна точка по цена од 29.655 долари.

- октомври 2012-та - дополнителни 88.676 долари, доплата за побрза испорака.

- декември 2012-та - дополнителни 501.978 долари, направена е градежна промена на ѕидовите за да може да собере поголема конференциска маса (за 341.556 долари) и нарачан е дополнителен мебел (за 160.442 долари).

- април 2013-та - дополнителни 12.480 долари, доплата за побрза испорака на мебелот.

На 9-ти април 2013-та, командата на маринците испраќа официјално писмо во кое најавува - дека нема и воопшто не планира да ја користи базата.

Дополнителните трошоци продолжуваат по две недели:

- 26-ти април 2013-та - дополнителни 19.414 долари, плаќање за составување на мебелот.

На 8-ми јули 2013-та канцеларијата на американскиот инспектор за контрола на обновата на Авганистан, прв пат го забележува проектот. Од тогаш не се направени никакви дополнителни трошоци (надвор од парите предвидени за комплетирање на проектот).

21 мај 2015 - 11:15