Валканата тајна на победата на Макрон

Кога Коми на недела пред изборите објави писмо дека повторно ја отвора истрагата околу мејловите на Хилари, во рок од една седмица Њујорк тајмс, Лос Анџелес тајмс, УСА тудеј, Вол стрит журнал и Вашингтон пост објавија 100 стории околу мејловите. Наспроти ова, во предвечерието на претседателските избори во Франција, француските медиуми одлучија да не го покриваат објавувањето на протечените мејлови на Макрон.

Вестите на француските телевизии не ги објавија најсочните делови од мејловите кои излегоа во петокот, на два дена пред изборите, а Ле Монд објавија соопштение на својата веб-страна дека нема да известуваат за хакнатите мејлови "затоа што овие фајлови намерно се објавени на 48-часа пред гласањето, со очигледна цел да се наштети на искреноста на гласањето."

И без добрата волја на медиумите, француските закони забрануваат објавување какви било информации што може да се категоризираат како изборна пропаганда во 44-те часа пред затворањето на изборните места.

"Два дена по протекувањето, во неделата, ги гледав резултатите од гласањето, и чувствував љубомора за Французите. Не затоа што тие масовно гласаа за паметен и разумен човек, туку затоа што народот на Франција не падна на истите глупости на кои нашето очигледно технолошки неписмено општество, падна.

Французите не беа преплашени па да гласаат за радикал заради неодамнешните терористички напади и тие не решија да се свртат и да ја откажат верноста на својата партија заради некои протечени мејлови кои очигледно беа наменети за изместување на гласањето. Француското гласање не се одвиваше во страв. Туку се водеше од здрав разум," пишува Ник Билтон во Хајв.

Тој објаснува дека ни Британците не се покажаа нешто побистри од Американците за време на гласањето за брегзит, нешто што беше масовно поддржано од про-брегзит медиумите, а потоа само засилено од социјалните медиуми.

"Слободниот печат, за нас, е поважен отколку фер печат. Америка ќе ги трпи последиците за тоа уште долго, долго време. Ние во земјава веруваме дека крајно-десниот Фокс њуз ќе биде избалансиран од крајно-левиот МСНБЦ. Меѓутоа реалноста е дека тоа не се случува, како што можеше да се види од покривањето на скандалот со мејловите на Хилари споредено со она на Макрон.

Иако Франција јасно има тежок пат пред себе, нејзините граѓани нема да гледаат наназад и да се чудат дали гласале за погрешен кандидат заради манипулативно протекување на мејлови кое било прекумерно покриено од нивните национални медиуми," порачува Билтон.          

10 мај 2017 - 20:01