Стари пари не бројат години

Најбогатите семејства во Фиренца во 1427 година, ден денес, 600 години подоцна, и понатаму се најбогатите семејства во Фиренца.

Заклучокот е на двајца италијански економисти кои ги споредуваат даночните пријави од 1427 со оние од 2011-та, и семејното богатство од пред 600 години со денешните презимиња на даночните обврзници.

Двајцата признаваат дека нивната анализа има пропусти и дека следењето на богатството врз основа на презиме не е баш научен метод, меѓутоа појаснуваат дека италијанските презимиња се доста регионални и обично линеарно се пренесуваат. Оние кои биле на врвот на социоекономското скалило пред 6 векови и понатаму ги имаат најголемите приходи меѓу даночните обврзници. Додека тие сето ова време ги добивале најпрестижните работи, семејствата на дното имале многу помалку посакувани занимања, со што им следуваат и приходи под просекот.

Иако нема ништо чудно во тоа семејствата да им го пренесуваат своето богатство на децата, она што посебно изненадува е како ниту еден наследник не ги спискал парите "и како тие успеале да го задржат богатството низ најразлични опсади на Фиренца, кампањата на Наполеон во Италија, диктатурата на Мусолини и две светски војни."

"Студијата дава дополнителни докази за тоа како богатите остануваат богати. Во Англија истражувачите претходно покажаа како семејниот статус може да опстои повеќе од осум века или цели 28 генерации. Оваа е обележје карактеристично и за елитните семејства во Кина, кои својот висок статус успеваат да го задржат уште од времето на Мао," пишува Амна Мохдин за Кварц.

31 мај 2016 - 09:30