Среќата со пари (не) се купува

Корпорациите и политичарите имаат конкретна финансиска корист од рекламирањето среќа меѓу своите работници и на гласачите. Како вредност која ги надминува нашите културни и верски поделби (кој не сака да биде среќен?), среќата стана предизвик за капиталистите.

Среќата е недофатливо чувство. За разлика од другите емоции кои не оставаат место за сомнеж: гнев, срам, воодушевување или разочарување, таа постојано ни се измолкнува. Ни велат дека таа не се продава - па сепак, како што покажува Вилијам Дејвис во неговата детална историја на модерната среќа, „Индустрија на среќата: како владата и корпорациите ни продаваат благосостојба", таа е преокупација на моќните.

Книгата на Дејвис почнува на Светскиот економски форум во Давос. Во 2014 на тој елитен годишен собир имаше 25 предавања за менталната и физичката благосостојба, многу повеќе од претходните години. Самопомошта во текот на економска депресија не е новост, а ни инсистирањето дека среќата е индивидуална а не општествена или политичка работа. Во текот на триесетите години на 20 век, кога американскиот бизис трпел тешки удари, излегле неколку вакви книги: „Мисли и богати се" на Наполеон Хил или „Разбуди се и живеј" на Доротеа Бранд го прикажувале материјалниот успех како резултат на желба за успех, а пак нејзиното отсуство како причина за претрпениот неуспех.

Овој прилично суров тренд го ублажувале писатели кои на читателите им препорачувале да бидат задоволни со она што го имаат, како Лин Јутанг, плоден кинески автор кој во 1930тите се преселил во САД и се прославил со бестселери како „Важност на живеењето", кои ја славеле наводната мудрост на прединдустриските култури.

Но зошто едно интимно чувство би имало толкава важност за капитализмот? Кога вработениот е несреќен на работното место, разумно е да се претпостави дека нешто не е во ред, или со човекот, или со работата. Индустријата на среќата ја симнува секоја одговорност од капитализмот - не е проблемот во тоа што работата не е добро платена, што трае предолго или што производот е бесмислен. Работата е во тоа што вработените се едноставно - несреќни. Тие би требало да вежбаат, подобро да се хранат или да медитираат. Секако, и да пијат лекарства.

Се разбира, една од најефикасните терапии е онаа со купување, базирана на надежта дека среќата со пари навистина се купува. Британскиот економист Вилијам Стенли Џевонс вели дека вредноста на стоката лежи во тоа дали веруваме дека таа ќе нè направи среќни, а не во некаква нејзина мерлива, објективна особина. Капиталистичкиот пазар, до скоро сметан за објективен, одеднаш се претвори во огромна психолошка лабораторија.

Според Дејвис, модерната индустрија на среќа нè поттикнува да ги набљудуваме сопственото тело и ум, па од тоа дури и развиеме опсесија. Но така остануваме слепи за општествената димензија на среќата. Испреплетената историја на капитализмот и психологијата „на крајот го обвинува поединецот за неговата мизерија - и од тоа го лечи - а притоа го игнорира контекстот кој придонел кон тоа".

28 мај 2015 - 13:13