Што ќе ти е демократија, кога имаш податоци

Дата, вештачка интелигенција и интернет надзор се трите столба кои ќе ја остварат дамнешната желба на секој империјален и современ кинески владетел - како да знаеш сè за јавноста без притоа истата таа се напне дека ја следиш и прислушуваш.

Во 10-годишното владеење на Ху Џинтао, дел од членовите на комунистичката партија сметаат дека ограничена отвореност е начин за истакнување и средување на одредени проблеми, под ова се подразбира блогирање, новинари кои се занимаваат со корупција, активисти за човекови права и он-лајн критичари. Дури и во задушена форма ова доведе до јавна дебата за корупцијата на локалните функционери.

Кси Џинпинг почна во сличен манир, меѓутоа наместо надградување на овие права тој се зафати со сериозно проширување и унапредување на масовниот систем за надзор и контрола. Така сега дури и за да купиш билет за воз ти треба лична карта, што на пример и дозволува на полицијата со време да ги идентификува и спречи „проблематичните“ да стигнат до Пекинг, нешто што го потврдуваат извештаите на Хјуман рајтс воч според кои повеќе луѓе кои сакале да поднесат петиција на различни теми биле запрени уште на железничките перони во регионите од кои доаѓале.

Иако за сега нема некоја мастер-шема што ја поврзува технологијата со владеењето во Кина, постојат неколку иницијативи што споделуваат „заедничка стратегија за собирање податоци за населението и компаниите со цел информирано носење одлуки и создавање системи на субвенции и казни за влијание на однесувањето“. Во ова се вбројуваат „системот за општествен кредит“, законот за сајбер-безбедност, различни проекти, планови и концепти на локално ниво за „општествен кредит“ и „паметни градови“ (во превод следење на населението со технологија првично воведена за олеснување на животот на населението).

Најопсежен од сите овие е Системот за општествен кредит, кој ги опфаќа и граѓаните и компаниите, а кој меѓу своите цели има наведено „создавање на искреност во работењето на властите, работењето на компаниите, и судски кредибилитет“.

Една од главните алатки на овој систем се црните листи, кои, за сега, се составени од имињата на луѓето кои одбиле да платат казни по судски одлуки или да почитуваат пресуди. Со новите закони овие листи се споделени со најразлични компании и владини агенции, па луѓето што се на нив можат да имаат крајно секојдневни проблеми со позајмување пари, купување авионска карта или резервирање хотел. Сосема посебна црна листа имаат транспортните компании, на која можеш да се најдеш заради блокирање врата или правење проблеми (тепачки) за време на возење.

Она што само го влошува ваквиот масовен систем е леснотијата со која кинеската влада пристапува кон систематско фалсификување на официјалните податоци, без разлика дали тоа било БДП или раст на производство на струја во земјата. Исто така заради немање никаков надворешен, или невладин увид во овие системи, никој нема претстава како тие работат, ниту што точно евидентираат или по кои правила работат.

Моќта на алгоритамското владеење Кина ја покажа во 2009-та кога над 200 Ујгури (муслиманско малцинство во Кина) загинаа во судирот со полицијата. Тогаш владата со помош на алгоритми и собирање податоци ги искористи постојните информации и он-лајн реакциите во врска со инцидентот за да утврди кој е најверојатно во иднина да изврши насилни дела или да даде отпор. Речиси 10 години подоцна се проценува дека секој десетти возрасен Ујгур или Казак од провинцијата во која се случија судирите, завршил во „кампови за ре-едукација“. Само во изминативе две години во регионот се поставени илјадници контролни пунктови на кои секој минувач мора да покаже лична карта ако сака да продолжи по патот, да влезе во џамија или во трговски центар. Од Ујгурите се бара и на својот смартфон да инсталираат владина апликација која ги следи нивните он-лајн контакти и веб-страните што ги посетиле.

Сите овие податоци се собираат во регионалниот систем за јавна безбедност заедно со податоци како банкарски сметки, изнајмени или купени книги, телефонски повици од странство, купена поголема количина гориво, број на деца, роднински врски и слично. Вака агрегираните податоци компјутерот ги користи да одреди кои поединци се потенцијалните „закани за властите“ по што истите завршуваат на реедукација без никакви формални обвиненија.

24 август 2018 - 16:03