Мао Це Запад

Политичката цензура која денес владее на Запад е точно иста како онаа што владееше во Кина во ерата на Мао Це Тунг. Ова не го тврди некој денешен чауш од Комунистичката партија на Кина. Ова го вели познат кинески политички уметник и дисидент кој има пораснато, живеено и работено  во северозападна Кина а веќе осум години живее на Запад. 

66 годишниот Аи Веивеи оцени дека денешното западно општество има станато толку уплашено што избегнува секакво промислување или дебата. 

Беше прашан за откажувањето на неговата изложба од галеријата Лисон во Лондон по коментарите на социјалните мрежи кои се однесуваа на конфликтот Израел-Хамас. Неговиот пост (подоцна избришан) сугерираше дека „чувството на вина околу прогонот на еврејскиот народ“ сега се злоупотребува против арапскиот свет.

Веивеи исто така мисли дека еврејската заедница има огромно влијание во медиумите, финансиите и културата во САД.  Вели дека огромната американска воена помош за Израел значи дека двете држави споделуваат иста судбина.

Некогаш човек можеше да каже што мисли, да се зеза, да се потсмева, што и да е, но во последно време е е поинаку.

„Денес гледам толку многу луѓе кои и за свои базични мислења наидуваат на цензура или на отказ. Ова стана многу вообичаено“, изјави Веивеи за Скај њуз.

„Пораснав во тешка политичка цензура. Денес гледам дека вие на Запад го правите истото“ вели тој повлекувајќи паралели со „културната револуција“ на Мао Це Тунг која на Кина ѝ донесе огромни чистки, страдања и сеопшта беда.

„Ова е исто како културната револуција, која се обидува да уништи секого кој има различен став. Тоа се случува толку широко, на универзитетите, во медиумите, секаде. На универзитетите или во политиката веќе не можете да зборувате за вистината.

Запрашан дали верува дека западните уметници прават доволно за да ја одбранат слободата на изразување, Аи ги опиша како „корумпирани од капитализмот“. „Тие само бараат пари и да бидат познати“.

Во 2011 Аи Веивеи беше уапсен на меѓународниот аеродром во Пекинг и задржан во затвор речиси три месеци. Во 2015 сепак ја напушти и оттогаш се нема вратено. Има рсатено под брутални услови во родната Кина затоа што и татко му бил дисидент.

5 февруари 2024 - 15:40