Колку се стабилни демократиите?

Јаша Моунк е предавач на Харвард, кој има проблем со една од најосновните претпоставки на западната политика, дека „кога еднаш земјата ќе стане либерална демократија, таа ќе остане таква“, односно дека либералната демократија е хепиендот за секоја држава. Проблемот станува поизразит како што тој почнува подетално да го истражува.

Во 2014 тој објавува книга „Туѓинец во мојата земја“, за неговото искуство како Евреин во Германија. Истражувајќи за книгата тој почнува да се интересира и за други европски држави и заклучува дека „модерните европски нации се мачат да создадат нов, мултикултурен национален идентитет“. Тој исто така заклучува дека не само што они имаат проблем во пробивање на „мулти-култи“ позицијата, туку тоа постојано доведува до раст на популистите.

Толкувајќи го ова како симптом на нешто полошо, Моунк почнува соработка со политикологот од Универзитетот во Мелбурн, Роберт Стефан Фоа, со кој ги анализираат статистиките што ги имаат од либералните демократии.

Почетната точка е нешто што политиколозите го нарекуваат „демократска консолидација“, теорија според која откако земјите ќе развијат демократски институции, робусно граѓанско општество и одредено ниво на богатство, нивната демократија е безбедна. Оваа теорија беше поткрепена со децении на глобални настани, најголемиот дел Јужна Америка и добар дел од Европа премина од воена диктатура во демократија, Источна Европа го замени комунизмот со демократија.

Ваквиот напредок мерен по индексот на Фридом хаус одеднаш почнува да паѓа и од 2005 тој е во постојан пад. Моунк и Фоа развиваат формула со три фактори што треба да одговорат на ова прашање. Системот им е „нешто како медицински тест што треба навреме да утврди дали демократијата е настината пред сите симптоми да станат видливи“.

Првиот фактор во равенката е јавната поддршка: колку граѓаните мислат дека е неопходна земјата да остане демократска?

Вториот фактор е прифатливоста за јавноста на недемократски форми на владеење, како воен режим.

Третиот фактор е дали „антисистемските партии и движења“ - важни политички играчи чија главна порака е дека актуелниот систем е нелегален - добиваат поголема поддршка.

Пресметката е дека ако паѓа поддршката за демократија, додека во исто време другите два фактори имаат раст, тогаш земјата е обележана дека се деконсолидира, што во медицинската аналогија од погоре е исто како „лесна треска пред грип“.

Како пример за ова ја даваат Венецуела, која во 1980-те има високи оценки од Фридом хаус, меѓутоа затоа што демократијата не е длабоко вкоренета во земјата, таа уште пред доаѓањето на Чавез почнува да се деконсолидира. Кога Чавез е избран за претседател во 1998, тој веднаш го менува уставот, а неговата влада апси политички противници и носи серија погрешни економски политики.

Втора е Полска, која при нејзиниот прием во ЕУ во 2004 беше претставувана како посебно силен пример на посткомунистичка земја во која успеала транзицијата кон „демократска консолидација“. Според двајцата истражувачи, формулата покажува дека уште во тоа време има силни знаци за деконсолидација во Полска. Па во анкетите во 2005 16% од Полјаците изјавуваат дека веруваат дека демократијата е „лош“ или „донекаде лош“ начин за управување на земјата. До 2012, 22 проценти од анкетираните велат дека поддржуваат воен режим. Кон средината на претходната деценија сè повеќе моќ во полската политика добиваат неколку антисистемски партии, вклучувајќи ја Партијата за закон и правда. Денес оваа партија го има претседателскиот мандат и мнозинството во парламентот.

Двата примера не загрижуваат нешто посебно затоа што се премногу далечни дури и за стручната јавност на Запад. Она што загрижува е што моделот на Моунк-Фоа почна да ги регистрира истите симптоми на деконсолидација и кај САД, како и Австралија, Британија, Холандија, Нов Зеланд и Шведска.

Низ сите овие земји расте поддршката на автократските алтернативи, на пример секој 6-ти Американец во 2014  верувал дека воениот режим би бил „добра“ или „многу добра“ работа. За споредба, во 1995 ова било секој 16-ти Американец. И овој тренд бил посебно распространет меѓу младата популација.

„Во САД, Доналд Трамп победува на претседателските избори како антисистемски аутсајдер. Во меѓувреме низ Европа расте поддршката за антисистемските популистички партии, како Националниот фронт во Франција, Сириза во Грција и движењето Пет ѕвезди во Италија“, пишува Аманда Тауб во Њујорк тајмс.

30 ноември 2016 - 12:24