Кој е Салах Абдеслам?

Налик неколку апсења по Балканот, еден од најбараните луѓе во Европа, одговорен за нападите во Париз во кои беа убиени 130 луѓе, во петокот беше уапсен во Брисел, центарот на Европа.

Абдеслам е уапсен во Моленбек, една од населбите на Брисел која според повеќе извори се смета за европски центар на џихадизмот, и истата населба од која доаѓаат и останатите напаѓачи од Париз.

Уште нема детали за акцијата, меѓутоа се знае (и на видео е евидентирано) дека Абдеслам е ранет со неколку куршуми додека се обидува да им избега на полицајците. (Во филмска сцена Абдеслам излетува од врата на куќа пред која се чучнати десетина белгиски специјалци, на кои мора да им се признае за трудот да не го наполнат осомничениот со олово, туку само да го ранат.)

Абдеслам е единствен од десетте напаѓачи од Париз, кој е се уште жив. Тој наводно бил одговорен за логистиката на операцијата.

За разлика од Абделхамид Абауд, наводниот организатор на нападите, Абдеслам нема никаква минато во џихадизмот и се нема борено за ИСИС во Сирија. Тој наводно е другар со Абделхамид Абауд, од времето кога како деца на марокански мигранти живеат во Моленбек.

Се до неговата радикализација Абдеслам има релативно "нормален живот." Низ младоста има неколку случаи на ситен криминал и прекршува најразлични правила на исламот. Заради кривичните дела неколку пати лежи во затвор во Белгија.

Салах заедно со брат му Браим, купуваат и менаџираат кафуле во Моленбек, а тој подоцна е уапсен заради поседување марихуана. Кафулето го продаваат 6 недели пред нападите во Париз. Двајцата браќа се дел од групата на Абдеслам што ќе ги изврши нападите на Париз. Салах го изнајмува Полото кое е најдено во близина на Батаклан, а набавува и неколку детонатори од продавница за огномети.

Кога е откриено телото на Браим се претпоставува дека планот предвидувал и Салах да е еден од загинатите. Една од теориите е дека тој требало да изврши напад на друга локација, меѓутоа бил собран од двајца други мажи, кои директно се упатиле кон Белгија. Се претпоставува дека неговиот автомобил бил запрен на белгиската граница меѓутоа затоа што се уште не бил идентификуван од властите му било дозволено да мине. Белгискиот министер за внатрешни работи подоцна изјавува дека ако Абдеслам се појавел на граница 15 минути подоцна, тој би бил уапсен.

По ова се губи секаква трага на Абдеслам. Кон крајот на ноември француските и белгиските власти имаат поделени ставови, првите сметаат дека тој веќе е пребеган во Сирија, а вторите веруваат дека се крие во Европа. Апсењето петокот го потврдува ова. Во четвртокот полицијата прави рација во стан во Брисел каде наоѓа отпечатоци од Абдеслам, меѓутоа него го нема.

Денешните напади следуваат по неполни 5 дена од апсењето на Абдеслам. Во неделата потпретседателот на белгиската влада, изјави дека е добро што го уапсиле со време бидејќи имаат информации дека тој подготвувал нови напади.

Видео од апсењето:

22 март 2016 - 13:53