Како работи црна кутија?

"Ако црната кутија не може да биде оштетена, зошто цел авион не го прават од истиот материјал?" - Џорџ Карлин.

Ако сакате да дознаете зошто паднал некој авион, треба да ја најдете црната кутија. А таа пак воопшто не е црна, туку - светло портокалова.

Таканаречената „црна кутија" е многу добро заштитен апарат за снимање, сличен на хард диск или мемориска картичка. Тој ги снима сите релевантни податоци за летот, плус разговорите во пилотската кабина. Претходно овие две работи се снимаа одделно, на различни носачи, но денес постои технологија која овозможува тие да бидат регистрирани истовремено. Сепак, според регулативите, секој авион мора да има два вакви апарата.

Црната кутија мора да биде во состојба да преживее голем број сценарија без да биде оштетена. Тестирањето вклучува судар со бетонски ѕид при 750 километри на час, статички товар од 2,25 тони кој трае барем 5 минути, максимум температура од 1,100 Целзиусови степени во тек на еден час и воден притисок во случај на тонење карактеристичен за длабочини до 6,000 метри.

За полесно да се најдат на море, апаратите во контакт со солена вода испуштаат сигнал кој може да се фати во радиус од околу 2 километра. Со оглед на тоа што тоа е мал опсег, локацијата на авионскиот труп би требало веќе да е горе-долу јасна.

Снимачот на глас ги регистрира сите звуци во пилотската кабина, како и разговорот помеѓу пилотите, компјутерските соопштенија, радио сообраќајот, разговорите помеѓу посадата и информациите до патниците. Се снимаат и звуците на притиснатите команди и на моторот.

Од аспект на заштита на податоците важно е да се знае дека црната кутија ги содржи и приватните разговори помеѓу пилотите, кои се исто така предмет на анализа доколку содржат податоци за несреќата или дефектот. Технички, пилотите можат да го стопираат ваквото снимање, или да го избришат снименото, но тоа ретко или воопшто не се случува.

Но пилотите не можат директно да пристапат до регистрираните фајлови во врска со летот. На постарите авиони тие треба да го активираат ваквиот механизам пред полетувањето, а во модерните летала тој се активира автоматски. Количеството податоци кои се собираат во текот на летот има драстично пораснато во последниве години, бидејќи се регистрираат се$ повеќе параметри, како патеката на летот, висината, локацијата на леталото, брзината, температурата на моторот, како и позицијата на крилата.

Овој куп податоци помагаат да се истражи причината за несреќата или сериозниот инцидент и да се намали потенцијалниот извор на грешка. Сепак, истражителите не го реконструираат летот во целина - не користат летачки симулатор или анимација.

Има само неколку специјализирани агенции во светот кои се способни да проценат црна кутија, при што тие специјализираат за одредени модели. Така, Германското федерално биро за истражување авионски несреќи може да процени и западни и руски апарати. НО за други модели експертите од оваа агенција мора да се обратат на странски лаборатории. Надежите се дека во иднина видео снимки на она што се случува во пилотската кабина уште повеќе ќе помогнат во реконструирањето на настаните, а и дека моќта на локацискиот сигнал низ вода ќе се подобри. До тогаш, портокаловата кутија се уште ќе содржи темни места.

* Во моментов последните вести околу авионската несреќа на Џерманвингс во француските Алпи.

26 март 2015 - 14:16